На денешната програма на Фестивалот за европски филм – „Cinedays“ ќе ги гледаме филмовите „Доволно возрасни“, „Лери“, „Глад за крв“, „Снегот и мачката“ и кратките „Имиња“, „Досие иднина“ и „Страст по лутањето“.
Денес е претпоследниот фестивалски ден од годинешното 22. издание, кој започна со работилница за претставување проекти пред поширока публика предводена од Габриеле Бруненмејер.
„Доаѓа момент кога треба да презентирате проект за да најдете спонзори или да добиете креативна помош. Тогаш треба бидете свесни за ситуацијата и да имате визија за првите чекори на пазарот“, се вели во најавата.
Филмската програма ја отвора краткиот филм на Леона Јариќ, „Страст по лутањето“ кој ќе се прикаже во 19 часот во Кино Фросина во Младинскиот културен центар како интро за францускиот филм „Моето злосторство“ на Франсоа Озон. По него во Фросина ќе ги гледаме краткиот „Досие иднина“ во режија на Гоце Трајковски, а потоа следи новиот филм на Горан Столевски, „Доволно возрасни“.
„Летото 1999 година, двајца тинејџери, повлечениот Никола по потекло од Србија и енергичната Ебони се партнери на натпревар по танцување. На денот на натпреварот, Никола добива вознемирувачки повик од Ебони, која го моли да ја спаси од другата страна на градот, па тој бара помош од нејзиниот постар брат, шармантниот Адам. Додека се возат натаму, меѓу гужвата во сообраќајот и пријателското перчење, двајцата млади откриваат искра меѓу нив… Но Адам ја напушта земјата за 24 часа“, се вели во краткиот синопсис за „Доволно возрасни“.
Паралелно од 21 часот во летното кино на Кинотека ќе се прикаже филмот „Лери“ од Зилард Бернарт, а внатре во салата на Кинотеката ќе играат „Мунејџ Дејдрим“ посветен на Дејвид Боуви, а снимен во режија на Брет Морген и „Глад за крв“ режиран од Тони Скот.
Во Џебното кино на МКЦ пак во 20 часот ќе игра „Генерација бушави“ од младиот македонски режисер, Мартин Чичовски. Приказната ја водат млади луѓе, а филмот цели да ги прикаже нивниот дух, став, менталитет и живот во овие турбулентни времиња.
Филмското платно сместено во Паркот зад МКЦ денес ќе го отвори краткометражниот игран филм „Имиња“ од режисерот Јане Спасиќ. По него, од 20:45 ќе се прикаже српскиот филм „Каде што води патот“ од Нина Огњановиќ, а по него од 22:30 часот публиката ќе може да го погледне „Снегот и мечката“ од Селцен Ергун.
„Во мало зафрлено село на брегот на Црното море, змиите отсекогаш биле сурови; но оваа се чини бескрајна. Снежни врнежи го отсекуваат местото од остатокот од светот, а мечките се будат порано од хибернација. Атмосфера на страв, а среде сето тоа е Асли, медицинска сестра испратена таму на задолжителна служба. Кога еден човек исчезнува без трага, таа завршува во центарот на вниманието, наоѓајќи се и во улога на медијатор и на осомничено лице“, пишува во синопсисот за филмот.
Повеќе за програмата може да се најде тука.