Иако предвидувањата никогаш не биле популарни, па дури и тогаш кога зад таквите „пророштва“ стојат еминентни научници – сеизмолози, се чини дека пронаоѓањето на било какви законитости помеѓу промените на животната средина, кратко пред појавата на земјотрес, е единствениот излез за преземање на моментални мерки за цивилна заштита.
Големите природни непогоди, како што се поплавите, пожарите, па дури и вулканските ерупции, речиси никогаш не се јавуваат ненадејно како земјотресите. Секоја природна непогода на некој начин го најавува своето појавување што во голема мера овозможува спасување, ако ништо друго, на човечки животи. Но, ова не е случај со земјотресите.
Затоа несомнено може да се каже дека катастрофалните земјотреси се најстрашната и најопасната катастрофа за човекот, но и за животната средина воопшто. Кон овој заклучок не води фактот дека земјотресите „удираат“ без претходна опомена, па затоа од нив е речиси и невозможно да се побегне.
Дури и Земјата да испрати било каков знак, како предвесник за овие катастрофи, живеењето во градските метежи оневозможува тој да биде забележан, а вообичаено, времето помеѓу „предвесникот“ и главниот удар е толку кратко што е невозможно да се преземе било како каков зафат.
Иако предвидувањата никогаш не биле популарни, па дури и тогаш кога зад таквите „пророштва“ стојат еминентни научници – сеизмолози, се чини дека пронаоѓањето на било какви законитости помеѓу промените на животната средина, кратко пред појавата на земјотрес, е единствениот излез за преземање на моментални мерки за цивилна заштита.
Живеејќи во ера на забрзани промени во однесувањето на Земјата како единствен систем, карактеризирано со појава на сѐ почести силни земјотреси, решението на овој проблем станува се покомплицирано, но истовремено и се олеснува, како резултат на напредната технологија со која човештвото располага.
Невообичаено однесување на животните
Методите засновани на математичко моделирање за можна појава на земјотреси кои денес се применуваат, нималку не ги задоволуваат очекувањата на човештвото за „предвидување“ на земјотресите, бидејќи, за прецизно „предвидување“ е потребно одредување на местото и времето на случување на земјотресот, на што овие пресметки не даваат одговор.
Последниве петнаесетина години се забележува зголемен интерес за докажување на невообичаеното однесување на животните, посебно домашните, неколку минути до неколку часови пред појавата на катастрофални земјотреси. Огромен е бројот на видео материјали и на научни статии кои ја разработуваат оваа проблематика.
Имено, научници од Јапонија, Италија, САД, Обединетото Кралство…, веќе имаат објавено повеќе статии во списанието со фактор на влијание „Animals“, во кои се прави детална анализа на невообичаеното однесување на животните. Според заклучоците во овие статии, невообичаена вознемиреност е детектирана кај мачки кои неколку минути, па и до цел час пред појавата на силен земјотрес, побаруваат да престојуваат во непосредна близина на нивниот сопственик.
Слична, не помалку честа е и појавата на вознемиреност на кучињата, било да се домашни или улични, претставена преку континуирана збунетост и непрекинато лаење и виење.
Според статија објавена во списанието „Animals“ во 2014 година, од група јапонски научници кои вршеле континуирани мерења на приносот на млеко на крави во штала, забележан е намален принос на млеко на денот, но и следните четири дена, по силниот земјотрес во Тохоку 2011 година.
Но, да не одиме подалеку, сведоштва за вакво невообичаено однесување на животните имаме и пред земјотресите во Скопје во 1963 и 2016 година. Според пишаните документи – извештаи за почувствуваност на земјотрес со кои располага Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ во Скопје, ноќта пред земјотресот од 1963 година е забележано излегување на мноштво глодари и влечуги на површината, но и гласно завивање и вознемиреност на речиси сите животни од Зоолошката градина само неколку минути пред почетокот на тресењето.
Утрото пред земјотресот од 2016 година пак, на планините околу Скопската котлина е забележано невообичаено однесување на инсекти, поточно мравки кои неконтролирано излегувале на површината.
Објаснувањето кое може да ги опише овие промени кај животните е тоа дека земјотресот иако претставува ненадејно, краткотрајно тресење на Земјината кора, поседува краток период на премин од стабилна во нестабилна состојба на раседниот систем, при што се емитираат сеизмички бранови со фреквенции во опсегот под слушниот праг на човекот, но во интервалот на детектибилни фреквенции за животните.
Бидејќи овие слушни фреквенции се несекојдневни за животните, истите предизвикуваат вознемиреност и нелагодност и освен видливи, предизвикуваат и невидливи промени во функционирањето на животните.
Детектирање на необични фреквенции
Ова објаснување е во фаза на докажување кое се врши со имплементација на т.н. Early Warning Systems кои поголемите држави веќе ги тестираат, а претставуваат мрежа на уреди поставени околу потенцијални извори на земјотреси, кои имаат за задача да детектираат емисија на невообичаени фреквенции неколку минути до часови пред појавата на катастрофата.
Овие предупредувања мора да се земаат со голема доза на резерва, се до потврдување на точен интервал на карактеристични фреквенции за Земјината внатрешност, различни од работните фреквенции на машините, автомобилите и останатите уреди кои создаваат бучава на површината и можат да условат лажно предупредување за земјотрес, а со тоа и непотребна паника и вознемиреност на населението.
За сега, Early Warning системите даваат задоволителни резултати при предупредувањата за можно цунами после земјотрес, чиј епицентар е лоциран некаде на морското дно. Велиме задоволителни бидејќи цунамито се карактеризира и со нагло повлекување на водата од брегот, пред брановите да стигнат до копното, па затоа доколку не дојде до повлекување на водата кратко по издавањето на предупредувањето истото може да се повлече.
Во Македонија, засега сеуште нема никакви иницијативи за имплементирање на овој вид на системи за предупредување, бидејќи освен што не сме сигурни во нивната ефикасност за вистинско „претскажување“ на земјотресите и чинат премногу.
Освен однесувањето на животните, како потенцијални предвесници за силните земјотреси се сметаат и појавата на заматеност на водите, понирањето на водни текови, промените во електричното и магнетното поле на Земјата, со карактеристична краткотрајна појава на молскавична светлина од површината на Земјата. Се од наведеното претставува посебна проблематика за докажување на која работат мултидисциплинарни тимови.
Согласно изнесеното погоре, може да се заклучи дека почитувањето, примањето и анализирањето на знаците кои животната средина и Земјата во целост ги испраќаат кон човекот се од исклучително значење за одржување на континуирана заштита и развој како на животната средина, така и на човештвото.
*Љубчо Јованов е дипломиран инженер по форензичка физика, виш лаборант во Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ во Скопје и магистрант на геофизика на Институтот за физика при ПМФ во Скопје.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.