Испукана фасада, расфрлано ѓубре и скршени прозорци. Вака однадвор изгледаат студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје. Таму утрово не можеа да се видат работници или градежна опрема за реконструкција на зградите, која според најавата на Министерството за образование и наука (МОН) треба да започне во втората половина на 2023 година.
Патеката што води до третата зграда на „Стив“ е обрасната во грмушки. Сликата на запуштеност ја комплетира и ѓубре расфрлано наоколу. За лошите услови во внатрешноста на објектот сведочеа и студенти кои беа сместени таму изминатава година.
При посетата на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“, лоциран во центарот на главниот град наидовме на заклучена врата. Студентите и минатата академска година немаа можност да ги користат капацитетите за сместување на овој дом поради реновирање. По она што го видовме денеска неизвесно е дали студенти ќе може да престојуваат во него и следната академска година.
Етапната реконструкција на девет државни студентски домови беше изгласана со буџетот за 2023 година што МОН го утврди кон крајот на 2022 година. Според тоа, студентските згради треба да се претворат во современи и енергетски ефикасни во рок од 30 месеци, односно замена на сите позиции во домовите – електрични и водоводни инсталации, фасади, топлотни системи, врати, прозорци, молерисување, опремување.
Првата фаза на реконструкција ги опфаќа „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ и таа треба да заврши во рок од 18 месеци. Сепак, како што се уверивме денес, и во двата објекти сè уште нема траги од започнато реновирање.
Галерија од фотографии кои ги направивме денес при посетата на студентските домови „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Стив Наумов“
Пред да ги посетиме домовите на терен, се обративме до Министерството за образование и наука со прашање за тоа дали е започната или кога точно ќе започне најавената реконструкција од првата фаза. Оттаму ни испратија електронски одговор со линк до најавата на реконструкцијата што на сајтот на МОН е објавена на 18 мај годинава. Денес повторно стапивме во контакт со МОН од каде ни кажаа дека втора половина на годината може да значи почеток на градежните работи во август, септември или пак декември. Причина за тоа, како што ни кажаа, се долгите процеси на странските фондови за одобрување средства.
Првата најава за „енергетски ефикасни“ домови дојде во 2019 година кога тогашниот министер за образование и наука Арбер Адеми рече дека тоа треба да се исполни до 2024 година. Во 2021 година Владата ја усвои информацијата за Проектот енергетско-ефикасна рехабилитација на студентските домови што требаше да започне во „Стив Наумов“, а да заврши до 2025 година. Последно вакво ветување даде актуелниот министер за образование и наука, Јетон Шаќири кој се пофали дека годинава е издвоен најголем буџет за капитални инвестиции од над 18 милиони евра.
Министерството за образование и наука соопшти дека склучиле договор за обезбедување на средства во износ од 25 милиони евра за реконструкција на сите 9 државни студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид. 20 милиони се заем од KFW развојната банка, додека 5 милиони евра се грант преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан (REEP+) на Европската Унија.
Втората фаза предвидува реконструкција на студентските домови „Томе Стефановски-Сениќ“, „Никола Карев“-Охрид, „Браќа Миладиновци„-Штип, „Народен херој Орде Чопела“-Прилеп, кои е предвидено да бидат NZEB (Near zero energy building), а во третата фаза реконструкција на мензата на студентскиот дом „Гоце Делчев“ и на студентските домови „Кочо Рацин„ – Битола и „Пелагонија“. Почетокот на градежните работи за овие фази е предвиден во првата половина на 2024 година.
Ангела Бошкоска