Шумски пожари беснеат во Грција, Швајцарија, Калифорнија и шпанскиот остров Ла Палма по топлотниот бран кој го зафати поголемиот дел од северната хемисфера.
Илјадници жители во приморските места во близина на Атина се евакуираат по големите шумски пожари кои избија во регионот. На терен се наоѓа и грчката армија и полиција, која заедно со волонтери помага да се спасат луѓе кои се наоѓаат во нивните домови додека противпожарните единици се обидуваат да ги изгуасат пожарите.
Според портпаролот на грчката противпожарна служба, Јанис Артопиос, силните променливи ветрови и тешкиот терен се најголем проблем во гасењето на огнот.
Околу 400 пожарникари се борат со шумскиот пожар на островот Ла Палма. Огнот уништил околу 3.500 хектари шума, а во него изгореле 20 куќи и објекти откако повеќе од 4.000 жители беа принудени да се евакуираат.
Три региони во Шпанија прогласија аларм поради жештините. Според националната метеоролошка организација денешните температури низ земјата ќе се движат помеѓу 38 и 42 степени целзиусови, а топлото време се очекува да биде уште поинтензивно во Каталонија, Арагон и Балеарските Острови, каде термометрите ќе достигнат 44 степени. Властите советуваат луѓето да не излегуваат на отворено во најтоплите денови од денот и да пијат доволно вода.
На југот на Швајцарија повеќе од сто пожарникари се борат да ги стават пожарите под контрола, откако оганот избил вчера попладнето во близина на селото Битш, во кантонот Валаи и многу брзо се проширил во текот на ноќта. Повеќе од 200 жители на околните села се евакуирани поради нивна безбедност.
Од Светската метеоролошка организација предупредија дека топлотниот бран на северната хемисфера ќе се интензивира оваа недела и дека растот на температурите за време на ноќта може да води кон поголеми ризици од срцеви удари и смртни случаи.
„Температурите во Северна Америка, Азија и низ Северна Африка и Медитеранот ќе бидат преку 40 степени целзиусови неколку дена по ред оваа недела поради интензивирање на топлотниот бран“, соопштија од организацијата.
Оттаму додаваат и дека светот треба да се подготви за поголем број на вакви топлотни бранови во иднина.
„Овие настани ќе продолжат да се случуваат со засилен интензитет и светот треба да се подготви за поинтензивни топлотни бранови“, изјави Џон Наирин, советник за екстремна топлина од Светската метеоролошка организација.
Запрашан дали овие појави се поврзани со климатските промени, тој вели: „Ова не се нормални временски системи од минатото“.
Покрај Европа екстремното време предизвикува проблеми и во Северна Америка, каде веќе неколку дена е распален голем шумски пожар во сојузната држава Калифорнија. Најголемиот пожар изгорел повеќе од 3.000 хектари површина, а до вчера беше само делумно контролиран.
Локалните власти советуваа на повеќе од 80 милиони луѓе да најдат прибежиште од раширените и интензивни жештини во регионот.
Во Македонија вчера стапи на сила забрана за движење во шумите и во националните заштитени подрачја Јасен, Маврово, Попова Шапка и Пелистер, а исклучок од ова е подрачјето на Водно, каде се предвидени редовни контроли.
Ваквата мерка се воведува поради високите температури, односно портокаловата фаза во која се наоѓа државава, а која се очекува да трае во следните 10-тина дена, според Управата за хидрометеоролошки работи.