Од Самостојниот синдикат на новинари и медумски работници (ССНМ) денеска истакнаа дека се вознемирани и крајно разочарани од случајот при снимање прилог на телевизијата Алфа кога граѓани, како што посочија, се дрзнале да присвојат јавен простор и да ја избркаат телевизиската екипа со образложение дека тоа ним некој им го дозволил.
Оттаму потсетуваат дека попречувањето новинари и сниматели во обврските за информирање на јавноста е казниво според закон. Дополнително, тие посочуваат дека попречувањето е направено во процес на снимање на тема за подигање на свеста за многу горливо и сензитивно прашање за граѓаните и општеството, што, како што додаваат, дава нехумана тежина на чинот, кој е за секоја осуда.
„Дрскоста и елементарното отсуство на емпатија кон колегите и кон гостите во прилогот на Анастасија Богдановска – Илиевска од страна на ‘славениците’, кои и да се, не смее да остане незабележано, па и несанкционирано особено што станува збор за јавен простор кој никако не може да биде даден во владеење, па нека е и времено, на група граѓани. ССНМ ја осудува постапката на граѓани кон нашите колегите затоа што освен попречувањето во работата, колку и да не е опасно во овој случај, станува збор за загрозување на безбедноста на новинарите и медиумските работници“, велат од ССНМ.
Тие истакнаа дека попречувањето на новинарите во вршење на нивната работа е казниво според член 139 од Кривичниот закон, кој таквото дело го препознава како попречување на службено лице во вршење на неговата работа за што е предвидена казна од шест месеци до три години.
Истовремено, од синдикатот ги охрабрија медиумските работници да пријавуваат до надлежните вакви и слични инциденти, бидејќи колку и да изгледа безопасно, додаваат дека толку може да охрабри други уште поагресивно да се однесуваат кон новинарите и медиумските работници, додека тие се на извршување работни задачи.