Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осудува вербалниот и физички напад врз снимателот на ТВ 24, Иван Камчев при што напаѓачот ја оштетил опремата.
„Колегата Камчев враќајќи се од денешно снимање со колега од МРТВ на патот Градско-Прилеп кај Росоман биле сведоци на сообраќајна несреќа. Во обид да го документираат настанот снимателот Камчев бил вербално, а потоа и физички нападнат при што му била оштетена неговата опрема“, соопштуваат од ЗНМ.
Оттаму велат дека откако снимателот го пријавил случајот во Здружението, пријавен е во и во Министерството за внатрешни работи СВР Велес од каде има информација дека по пријавата се преземени мерки за расчистување на случајот.
„ЗНМ ќе ја следи истрагата и ќе инсистира на одговорност од страна на лицето кое физички го нападнал снимателот Камчев и го спречил физички да ја изврши својата професионална работа. Потсетуваме дека напад на медиумски работник при вршење на професионални задачи е кривично дело каде што МВР и ОЈО имаат обврска да постапуваат по службена должност. Бараме од МВР и ОЈО да спроведат брза и ефикасна истрага во интерес на пронаоѓање и санкционирање на напаѓачот“, велат од ЗНМ.