Скопје за кратко време е неколкукратно пораснат, па така објектите се зголемуваат и по број и по површина, а така почна и трајно да се губат дрјавата, бидејќи трајно се изгуби слободниот простор за нив, објаснува инженерот по озеленување и унапредување на животната средина и арборист Дејан Илиевски.
Па така, за големи дрвја, какви што се најмногу потребни, Илиевски вели дека треба и голем простор, а тие не можат успешно и долговечно да растат на тесен простор меѓу зграда и улица или меѓу патека и улица.
„Значи, прво ќе треба да ѝ погледнеме на вистината во очи и да си признаеме колку сме застраниле од ветените заложби според Генералниот урбанистички план и Законот за урбано зеленило, и да се решиме да тргнеме во подобар правец, кон исполнување на обврските од истите. За жал, сè уште се слуша за промени на разни ДУП-ови од помало кон поголемо. За позелено Скопје, градежните активности мора сериозно да се намалат. Масовно озеленување е тешко остварливо па дури и погрешно. Според мене, за да се извади, жал ми што морам да го употребам овој глагол, од ова сегашно нагрдено Скопје нешто што би направило вистинска разлика на подобро, најпрво ќе мора да се промени стандардот за одржување на зеленилото, а посебно на дрвјата“, објаснува арбористот за Радио МОФ.
Важноста од зачувување и одржување на постоечките дрвја во урбаните средини е од огромно значење. Илиевски прави споредба со градските средини и шумите, велејќи дека доколку на ваквите екстремни температури би биле некаде во шума, немало да има потреба многу да се објаснува за потребата од дрвја.
„Дрвјата се битни за сенка и за воздух, за ублажување непогоди, како филтер од УВ-зрачење, одблесоци, бучава и прашина, помагаат за душевното здравје, нè радуваат и прават похумана средина, одраз се на добри еколошки вредности и, ако се добро одржувани, без збор придонесуваат за кревање на сите видови вредности. Но, големи дрвја кои ги исполнуваат горенаведените функции не растат ниту за неколку месеци, ниту за неколку години“, објаснува Илиевски.
„Дури и кога би почнале веднаш да ја поправаме сегашната жалосна состојба во која се наоѓаат дрвјата, би ни требале децении за да добиеме вистински големи, здрави, раскошни и корисни дрвја. Затоа зачувувањето на она што е преостанато треба да почне час поскоро, за да заштедиме некоја година во трката во која многу касниме“, дециден е тој.
Преку Фејсбук страница насловена „Дрвосечач + Градинар“, Илиевски со месеци наназад укажува на многубројни примери за (не)одржувањето на дрвјата и споделува совети за своите следачи во однос на тоа што го работи.
Потребна е поголема стручност на службите
Најголемиот предизвик за одржувањето на дрвјата во урбаните средини, тој вели дека е немањето добар стандард за грижа за дрвјата, по кој би се воделе, но и немилосрдната урбанизација наспроти сите етички начела, ветувања, залагања и обврзувања за зелен град според било кој генерален урбанистички план.
Постојат неколку проблеми кои ги прават службите задолжени за одржување на дрвјата низ Скопје, па оттука и советува како тие треба подобро да се третираат.
Кастрењето на дрвјата е еден од проблемите. Илиевски за кастрењето вели дека досега не сретнал никој што вистински и практично се разбира во грижа за дрвјата, а во исто време да го користи и зборот кастрење како пожелна постапка.
„Кастрење е збор кој народно се користи за кратење на плот, бодликава ограда или нешто непожелно. (…) Тој збор има многу негативни примени и поради сè што е направено со него сметам дека заслужил и да остане негативен збор. Кастрење е отворање на големи рани, невнимателно и произволно сечење гранки (сечење ‘насумице’ или ‘кому иде’, ‘nonselective cuts’). За кастрење треба само алат. Знаење нула“, вели Илиевски.
Одговорните служби, според него многу грешат што издаваат „решенија за кастрење“ и со тоа, вели дека само придонесуваат за зголемување на проблемот.
„Под итно мора да престанеме да ги кастриме дрвјата и што поскоро да се научиме како исправно да ги кроиме, збор полн со знаење и умеење, права хирургија и уметност во грижата за дрвјата (‘selective, well thought-out cuts’) (…) Она што важи за дрвјата во овој поглед во голема мера важи и за грмушките“, дециден е Илиевски.
Лупењето на кората од кончани тримери за трева, односно моторни коси се исто така дел од проблемот. Според него, тие пречесто се користат и се опасни за сообраќајот, минувачите и ракувачите и се многу бучни.
„Непотребно се фрлаат пари на нив, а на растенијата им ја лупат кората и така ги уништуваат или ги осакатуваат. Моторните косилки за трева треба да се прв избор, а не тримерите. Тример во сосема мал обем би можел да се користи само за фино дотерување на рабовите кои не ги фаќа косилката. Друга оправдана употреба би им била за чистење многу обраснат терен, канали и јаки косини“, вели Илиевски.
Штетите по корењата на дрвјата и грмушките кои најчесто се предизвикани од градежните фирми при изградба на нови или реновирање постоечки улици и патеки се уште еден дел од проблемот. Арбористот смета дека е жално да се примети како при инсталирање нова парковска урбана опрема, како што вели, ноншалантно се кинат корењата на дрвјата и грмушките.
„А најжално е кога ќе се види како и субјектите задолжени за грижа на зеленилото прават многу штети по корењата при инсталација на системи за наводнување. Тука многу би помогнале инспекторите за зеленило. Добро е да се запамти дека парк би поминал и без сево ова – патеки, клупи, лулашки, па дури и без систем за прскање на тревата. Но, парк без големи дрвја не е парк“, вели Илиевски.
Покрај овие, тој ги вбројува и штетите од негрижа и штетите поради неодржување. Сите вакви штети, тој смета дека се последица од моменталното незнаење и неспремност на службите задолжени за грижа за дрвјата.
„Не сакам никого да напаѓам. На секој кој професионално се бави со било што постојано му се потребни дообука и ажурирање со стандардите. Инаку, ситуацијата нема да мрдне од мртвата точка на која се наоѓа“, објаснува Илиевски.
Арбористот преку неговата Фејсбук страница, честопати укажува и на примери на намерно оштетување и уништување на дрвја кои ги забележува низ градот. Илиевски објаснува дека брзо ги лови последиците од некоја штетна активност околу или врз дрвјата, и реторички прашува „како ќе се чувствувате ако ви кажам дека ми е тешко да најдам градско дрво без ниедно оштетување од човек?“.
„А колку се штетни? Само здраво дрво ќе достигне децениска, па и вековна старост, ќе си ги исполнува сите благородни функции и ќе биде инспирација со својата неспоредлива убавина и моќ. Секое оштетување значи нагрдување и кратење на векот на дрвото. Законот за УЗ јасно пропишува казнени одредби, но уште појасно е дека инспекторите, комисијата за одлучување по прекршоци а потоа и надлежниот суд затајуваат. Инаку не би било она што е сега. Дури и кога некој по некоја случајност ќе биде казнет, неутралните би се прашале ‘Зошто баш него го казнија?’. Тоа е жално. А кој ќе ги казни задолжените субјекти за грижа за јавното зеленило кои сосема легално кастрат дрвја и ги прават сите горенаведени штети кои не се покриени со Законот за УЗ? За жал, јавните претпријатија по општините ја прават најголемата штета, а нема никаков инструмент за помош. И кој ќе ги казни сите (не)одговорни поединци, архитектите, советниците и политичарите кои свесно ги прекршуваат постоечкиот Закон за УЗ и ГУП-от?“, прашува Илиевски.
Непланското садење дрвја како една од поголемите грешки
Прегустото садење дрвја е еден од аспектите на поголемите грешки кои се прават, а тоа е непланското садење дрвја, вели Илиевски. Често, тој е сведок како големи дрвја, кои се предвидени да пораснат големи, се садат преблиску. Со тоа, како што растат, стануваат се повидливи и последиците од тоа што немаат простор и светлина за да ги развијат своите крошни.
„Тоа повлекува и непотребно сечење и одржување. ‘Борејќи се’ за светлина дрвјата растат на криво, што ги прави и статички понебезбедни. Кога ќе се реализира еден квалитетен проект во почетокот треба да изгледа полупразен. Тоа не е грешка. Напротив, тоа е показател дека некој бил одговорен со туѓите пари и дека бил визионер – гледал како еден ден сè ќе го исполни просторот и ќе стане корисно и убаво“, посочува Илиевски.
Уште еден аспект на ваквиот проблем, како што вели арбористот е садењето на своја рака, особено на јавни површини и без контрола од задолжените субјекти – правното лица или јавно претпријатие.
„На сите би требало да ни е јасно дека не е на место ниту поединечни граѓани ниту, пак, некое граѓанско здружение да си прави што сака, макар имале и добри намери. Од друга страна, пак, дури и задолжените ЈП или правни лица, сносат и законска и морална одговорност да работат во склад со Законот за урбано зеленило и во склад со ГУП-от и целите на истиот“, смета Илиевски.
Помеѓу автохтоните и алохтоните видови
Садењето алохтони, односно увозни растенија, пак, е тема за која доста се зборува, но за која арбористот смета дека некои работи се вадат од контекст. Според него, за да се има поурамнотежени чувства за оваа тема би помогнало ако се имаат предвид контекстот на времето и потребите.
„Прво, дали навистина сè што ќе се увезе од некаде само по себе е лошо? Ако одговориме со ‘да’, дали сме свесни дека во нив спаѓаат и некои растенија без кои нашиот живот на овие простори сега е незамислив, кои некој некогаш и од некаде ги донел а кои веќе со децении ги сметаме за „наши, традиционални“? Некои такви растенија ги користиме во исхраната (компир, домати, пиперки, пченка, грав,…), а некои веќе одамна се дел од нашите шуми и паркови и многу придонесуваат за производноста и убавината на истите (багремот, дуглазијата, кедрите, магнолиите, многу видови тополи, украсни сливи, украсни јаболкници, украсни цреши, едно чудо јавори, и.т.н.)“, вели Илиевски.
Прашањето за алохтоните видови е доста деликатно, вели тој, додавајќи дека има многу издржани причини тие и натаму да се користат.
„На крајот на краиштата, државните граници се вештачка и менлива работа. Знам дека со ова што го велам нема да се сложиме сите што знаеме нешто на оваа тема. Но, знам дека би требало да се сложиме за ова: Ако веќе нешто било увезено од некаде (дури ако во иднина се увезат и други), клучно е да се осигураме дали одговара на локалното поднебје и да бидеме потполно свесни и за неговите слаби и непожелни карактеристики. А за да дојдеме до ова, освен проверка на информации од достапната литература, треба да се прават и теренски огледи со ограничен број единки од истражуваниот вид, и тоа пред да се пристапи кон масовен увоз, размножување и садење. Само така ќе ги сведеме на минимум шансите дека нешто што си носиме во куќа, така да се каже, утре нема да биде болка за нас. Кој и да е проблем со алохтоните видови е далеку помал од она што човечкиот род им го прави на дрвјата во шумите и на дрвјата во урбаните средини со директно уништување и со сите штетни практики врз и околу нив“, објаснува Илиевски.
Арбористот со мисија да ја крене јавната свест
Идејата за неговата Фејсбук страница каде споделува совети, објаснува дека почнала од нужда.
„Откако завршив со формалното школување не беше лесно да најдам работа по струка која и би ме исполнувала и би ми нудела доволно средства за живот. Многу се трудев да се рекламирам, но не бев задоволен од одзивот. Потоа ми дојде желба да имам своја интернет-страница, но не бев технички спремен за тоа. Едно кратко време еден познаник програмер ми направи една ама не си ја постигна замислата. Тогаш почнаа да стануваат сè попопуларни социјалните мрежи. И така, почнав. Од потреба. Паралелно додека работев нарачував и читав странска стручна литература и следев интернет содржини од вистински професионалци и познавачи на зеленилото и дрвјата. Се судрував со потребите и проблемите на луѓето. Ги гледав и штетите кои се прават по зеленилото а посебно по дрвјата а кои би можеле да бидат избегнати“, вели Илиевски.
Оттука, му се јавила и силна желба да почне да го споделува знаењето со „секој кој има уво да чуе и срце да сфати и примени“.
Од скромни почетоци, сега вели дека страницата има неколку стотини кои ја следат и на кои им се допаѓаат објавите. Истовремено, вели дека особено му значи кога некој ќе му пише дека станал свесен за некоја практика врз дрвјата за која мислел и претпоставувал дека е нормална и пожелна, а всушност е штетна.
„Ваквиот фидбек ми дава нови сили да продолжам. Желба ми е она што го знам, и што е проверена и докажана вистина во светот, да ја знае и најобичниот човек кај нас под ова небо“, објаснува Илиевски.
Она што тој им го порачува на граѓаните е да „не бараат поголеми куќи, повеќе станови и штетни ДУП-ови за таа цел“, но и да не бараат дозволи за сечење на нивните дрвја доколку не мораат, а во никој случај дозволи за кастрење. Истовремено, порачува и да не садат дрвја на своја рака и спротивно на законите.
Во меѓувреме, тој апелира до локалните и националните власти да почнат да постапуваат според заложбите од Генералниот урбанистички план, и да не се намалува туку да се зголемува процентот на зеленило.
„На сите ни треба повеќе зеленило, а посебно големи дрвја! Немојте да се плашите да постапувате исправно и обѕирно“, вели Илиевски.
Арбористот порачува властите да покажат дека навистина им е грижа за дрвјата, со тоа што час поскоро ќе почнат да ги усогласуваат европските и светските стандарди за нега на дрвјата и подготовки за што поскоро да се почне со масовни задолжителни обуки за сите.
Мартин Колоски