Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) ги разгледа назначувањата на в.д. директорите на Младинскиот културен центар (МКЦ) и Зоолошка градина и ги оцени како незаконски, а донесе и одлука за поведување кривична постапка против градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, која ги именуваше Никола Алексов и Драган Илиевски за в.д директори.
Според Антикорупциската комисија, Арсовска го прекршила законот со тоа што именувала лица кои не биле вработени во овие јавни установи што е спротивно на чл. 31 од Законот за култура кој предвидува именување на в.д. директори од редот на вработените во тие установи и со мандат од само 6 месеци.
Како што кажа претседателката Билјана Ивановска, бараат од Јавното обвинителство да поведе постапка за кривично гонење на Арсовска поради сомневање за сторено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“.
Од Град Скопје се јавија со реакција, сметајќи дека ДКСК наместо да се занимава со она што е нивна надлежност и да констатира корупција, тие се занимаваат со тривијалности и исполнување политички агенди.
„Членовите на ДКСК ќе мора да ја докажат и сопствената надлежност во постапувањето по овој ‘предмет’ пред соодветна судска инстанца“, стои во соопштението на Одделението за односи со јавност на Град Скопје.
Инаку, Управниот суд минатиот месец утврди дека е незаконско решението на градоначалничката Арсовска за именување на привремениот директор на МКЦ. Претходно и колегиумот на МКЦ уверуваше дека Алексов, детектив по вокација, е незаконски поставен на директорската позиција, кога во јавноста се проширија реакции за смената на претходникот Ванчо Богоев и кратењето на буџетот на МКЦ.