#РаскажиМи: „Бисера“ од Маја Јовановска – Вулф

Овојпат во рубриката #РаскажиМи го читаме краткиот расказ „Бисера“ од Маја Јовановска – Вулф.

Бисера

„Шшш. Тивко. Еве ја, доаѓа” – го слушнав својот испаничен глас.

Тивкото крцкање на паркетот наликуваше на татнеж под нејзините чекори. Беше ситна жена, па подот не се плашеше од неа, туку од моќта на нејзиниот бес. Разгневена, таа жена која одвај имаше педесет килограми го тресеше подот со силина на разурнувачки земјотрес. Или можеби така ни се чинеше, можеби само нашите души трепереа од страв.

„Бисера! Подобро да не си таму каде што мислам дека си“ – ја турна вратата. Беше толку разгневена што пламени јазици и излегуваа од устата.

„Ти реков да не влегуваш таму. Ќе ти ги здробам коските”- ме зграби за косата и ме повлече во дневната соба.

Се врати неколку чекори назад и ја тресна вратата од бањата. Оттаму се чу крикот на брат ми. Не беше плач, туку крик на повредена птица чии крила беа отсечени и сѐ  уште крвареа. Неговите крила беа врзани за радиаторот со зарѓан синџир. Седеше на ладните плочки во бањата, немоќен, измачен. Имаше само шест години, а веќе ги имаше вкусено сите таги.

Горчливиот вкус на животот беше навлезен во секоја пора од нашето тело и душа. Некогаш го врзуваше затоа што не ја беше изел вечерата, некогаш затоа што побарал храна, а често без никаква причина, само како предупредување за тоа што следи ако не и се покори. Ме казнуваше и мене, секојдневно. Казните имаа различни лица, но сите од нив беа грди. Неколкупати фати гулаб од терасата и држејќи го во рацете ми го ставаше на стомакот да ме клука. Често ме врзуваше за стол каде морав да седам со часови. Немаше свои деца, па не згрижи нас. Не згрижи, но се се грижеше за нас. Секогаш бевме гладни, валкани, мрсулави. Никогаш сакани.

„Што мајка бараш таму? Знаеш дека добро му мислам, мора да научи некои работи. Мора да научи да слуша”

Крикот кој излегуваше од устата на брат ми го следеше нејзиниот глас како сенка. Гласовите ми се зариваа во срцето и ми ја копаа душата. Длабока, крвава дупка беше издлабена во мојата душа.

„Не знам што да правам со вас, душава ми ја изедовте. Паразити! Кај ве земав, кај се запустив”

Иако го избегнував нејзиниот поглед, во тој миг ги сретнав нејзините црни очи. Всушност, очите ѝ  беа зелени, но сиот гнев насобран во нив ги зацрнуваше. Одеднаш почувствував продорна болка во задниот дел од главата. Држеше една даска во раката, но не очекував дека ќе ме удри со неа, Одеднаш црнилото од нејзините очи почна да се шири пред мене се додека сé не стана црно.

„Вие сте родителот? Ајде, може да влезете на кратко” – чув непознат глас, но не бев сигурна дали е сон или јаве.

„Има потрес на мозокот. Ќе треба да мирува подолго време” – истиот глас допре до мене.

Полека ги отворив очите и забележав како белина го имаше заменето црнилото. Сé околу мене беше бело. Над мојата глава се појави непознат маж во бела облека. Имаше мила насмевка и благи очи на кои не бев навикната. Помислив дека е ангел.

„Јас сум доктор Дарко. Не зборувај, треба да мируваш. Следниот пат повнимателно да трчаш по скалите” – ми се насмевна.

Знаев дека сум будна, но не знаев што се случува. Главата и мислите ми беа матни. Одеднаш нејзината појава ја замати белината. Се насмевнуваше, но очите ѝ  беа црни.

„Денес ќе си дојдеш дома. И да ме слушаш и мене и докторот, нема трчање по скали”-  се насмеа и ги покажа пожолтените заби.

„Брат ти те чека дома, ќе се радува да те види”- кажа невообичаено мило.

Повторно се зацри сé околу мене. Продолжуваме да бидеме нејзини затвореници, засекогаш завиени во темнина.

***

Маја Јовановска Вулф (Скопје), живее во Висконсин, САД. Дипломирала на катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. На Државниот универзитет во Аризона дипломирала на катедрата по шпански јазик. Пишува кратки раскази и поезија.

Со петочната рубрика #РаскажиМи промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk,  со куса биографија.