Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, на денешната прес-конференција ја презентираше алатката за прогнозирање пожари. Станува збор за мапа на Македонија, каде што е прикажано во кои делови има сува вегетација, а согласно со тоа и индекс за пожар, пишува Мета.
На мапата можат да се видат сувите делови со цел да се прикажат ризичните територии, за да се знае каде треба да се засилат контролите.
Ангелов нагласи дека за гаснење на евентуални пожари, предизвикани од високите температури и топлотниот бран што ја има зафатено речиси цела Европа, државата е опремена со три авиони на Дирекцијата за заштита и спасување (еден е во државата, а два треба да пристигнат), два армиски хеликоптера, два полициски хеликоптера, на располагање се 935 професионални пожарникари, 110 доброволни пожарникари, 86 цистерни, едно хемиско возило, 38 противпожарни возила, 53 теренски возила и други алатки за помош при избивање пожар.
„Се надевам дека оваа година ќе бидеме уште поподготвени за превенција на пожарите и намалување штета”, изјави Ангелов.
Во врска со забраните за движење низ шумите, тој рече дека не станува збор за целосна забрана, туку само за воведување на контрола. За да можат граѓаните да се движат низ шумите, потребно е да побараат дозвола за движење од Подружниците на Национални шуми.