Градскиот совет на Амстердам воведе забрана за крузери во центарот на градот со намера да се ограничи бројот на посетители и да се намали загадувањето во холандскиот главен град.
Политичарите велат дека овие бродови не се соодветни со одржливите амбиции на градот.
Оваа одлука подразбира затворање на централниот терминал за крузери во заливот Иј, кој се наоѓа во близина на главната железничка станица во Амстердам.
Ова е последната мерка со која градските власти се обидуваат да го намалат бројот на туристи во градот. Претходно, поради оваа цел, Амстердам воведе и забрана за пушење марихуана во Улицата на црвени фенери.
Градот стана жртва на сопствената популарност и годишно привлекува 20 милиони посетители. Голем дел од нив доаѓаат во Амстердам поради угледот кој градот го има како центар за разни видови забавни активности.