Во Теодосијанската палата, дел од археолошкиот локалитет “Стоби“, во рамки на нови археолошки истражувања, откриен е нов мозаик.
Од Националната установа Стоби, информираат дека во рамки на античкиот град, во Теодосијанската палата, која е една од најголемите и најлуксузно декорирани градби, откриен е нов мозаик кој се наѕира во една од просториите и е поставен како централно правоаголно поле.
Археолозите информираат дека со сигурност се знае дека има ново откритие во репрезентативниот објект, кое, според првичните наоди, претставува нов, неоткриен бисер на античкиот град кој е културно наследство и локалитет од особено национално значење.
Од НУ Стоби нагласуваат дека во рамките на грантот од „Каплан фонд“ во вредност од 300 000 долари за конзервација на Теодосијанската палата во Стоби, годинава се изработувал основен конзерваторски проект за архитектурата, како и основен конзерваторски проект за мозаичните подови на овој луксузно декориран
резиденцијален објект.
„Проектот претставува еден од првите чекори на имплементација на Мастер-планот за конзервација на Стоби, изработен во периодот меѓу 2019 и 2021, исто така, во соработка со „Балканско наследство“. Проектот за Теодосијанската палата ќе ги следи насоките од Мастер-планот за конзервација на Стоби“, изјави Спасе Перовски, директор на НУ Стоби.