Поради нераспределување на средствата од блок дотациите, министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, му ги одзел ингеренциите на градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами во времетраење од 12 месеци. Ова се случило заради случајот со гимназијата во Тетово, „Кирил Пејчиновиќ“, објави Порталб.мк, пренесува Мета.мк.
„Државниот просветен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор во средното општинско училиште гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ Тетово, при што констатира со записник дека заради нераспределување на средствата од блок дотацијата од страна на Општина Тетово, а наменети за ова училиште, отежнато е функционирањето на училиштето“, информираат од Министерството за образование и наука (МОН) за Порталб.мк.
Оттаму појаснуваат дека училиштето има испратено предлог финансиски план за 2023 година до Општина Тетово, но истиот до денот на надзорот не бил усвоен од Советот на општината.
„Резултат на ова, училиштето во неможност да ги плаќа фактурите доставени од операторите и компаниите со кои училиштето има потпишано договор, се прави долг од 6.625.349 денари. Врз основа на овие факти како министер за образование и наука согласно член 108-б од Законот за средно образование со решение, ја одземав надлежноста на градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами за работењето на Средното општинско училиште Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ во траење од 12 месеци“, наведено е во одговорот од МОН.
На прашање на Порталб, од Општина Тетово негираа дека примиле какво било известување за одземање на ингеренциите.
„До денеска, на адресата на Општина Тетово не е пристигнато никакво известување или официјално решение каде Министерството за образование и наука ѝ ги одзема ингеренциите на општината Тетово за гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“. Затоа ние како институција не можеме да го коментираме ова“, велат од Општината.
Директорката на тетовската гимназија, Теута Лала, во април годинава изјави дека гимназијата нема добиено финансиски средства, иако општината ги примила средствата од Министерството за образование и наука.
Ова е еден од многуте проблеми што гимназијата ги имаше со општината, почнувајќи од обвинувањата на Лала за политички притисок за да си поднесе оставка. Иако другата страна јавно ги отфрли обвинувањата, во мај 2022 година, Лала беше разрешена од функцијата и на нејзино место дојде Хатије Азизи-Етеми, професорка по англиски јазик и во исто време поранешен општински советник од Движењето Беса. За ова реагираше Министерството за образование кое на општината ѝ ги одзеде ингеренциите за извршување на работите околу именувањето и разрешувањето на директорот на училиштето.
Извор: Мета.мк