Според Светската здравствена организација (СЗО), секој четврти човек во Македонија во одреден период од животот ќе доживее проблем со менталното здравје, а младите луѓе се особено ранливи на проблемите со менталното здравје, поради предизвиците и притисоците со кои се соочуваат во нивниот живот.
Ова беше соопштено на минатонеделниот настан организиран од Клубот за младински прашања и политики во соработка со Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), а со поддршка од Фондацијата за демократија на Вестминстер. Тогаш беше и презентирана нацрт Стратегијата за ментално здравје на младите, која има за цел да отвори дискусија за механизмите за заштита и унапредување на менталното здравје на младите, пренесува Мета.мк.
Младите се свесни за своето ментално здравје и бараат поддршка од стручни лица
Кај младите постои свесност за менталното здравје и тие бараат приоритет на институциите да бидат програми мерки и сервиси коишто значат грижа за менталното здравје. Ова треба да го гледаме како влог и грижа за целата држава. Станува збор за оној влог во она што значи благосостојбата на младите, вели д-р Стојан Бајрактаров, директор на Универзитетската Клиника за психијатрија и член на Светската психијатриска организација.
Тој ја нагласи потребата од ваков стратешки документ, како што е Националната стратегија, поради зголемените потреби на младите за време но и после пандемијата, што резултираше со зголемување на бројот на млади со нарушено ментално здравје, депресија, анксиозност и слично.
„Во оваа иницијатива треба да бидат вклучени повеќе чинители, не само Министерството за здравство, невладиниот сектор или меѓународните организации, треба да се работи на превенција, рана интервенција, проактивни мерки за спречување на проблемите“, вели Бајрактаров.
Тој додава дека во Македонија капацитетите на Клиниката за психијатрија се многу мали и не можат да одговорат на потребите на младите и тоа треба да претставува приоритет на здравството.
Од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) ја изразија потребата за ваков стратешки документ за младите.
„За време на Ковид-19, со поддршка од Британската амбасада овозможивме повеќе од 850 бесплатни сесии со психолог за млади лица. Интересот за оваа можност беше доста голем, со тоа што во една недела дена се пријавија повеќе од 200 млади лица и од тогаш па наваму, ја препознаваме потребата на младите луѓе да се грижат за своето ментално здравје и дека сакаат да им бидат овозможени вакви сервиси“, велат од НМСМ.
На младите им се потребни документи за поддршка на ментално здравје на мајчин јазик
По извршената анализа на официјалните документи од НМСМ велат дека Законот за ментално здравје не им ја обезбедува поддршката на младите која им е потребна, па затоа е голема потребата од носењето на Стратегијата за ментално здравје на младите.
Тие истакнаа дека во последните две години активно работат во области кои ќе им овозможат поддршка на младите.
„Во меѓувреме изработивме и неколку прирачници на тема анксиозност, стрес, депресија и тие се едни од најчитаните содржини во нашето 10-годишно постоење. Самото тоа зборува дека, младите ги кликаат и ги читаат содржините и што го покажува недостатокот на вакви содржини на македонски јазик“, велат од НМСМ.
Оттаму истакнуваат дека има многу недостатоци и потреба од стратегија што ќе биде фокусирана само на младите и која што ќе ги задоволи нивните потреби, без разлика дали живеат во рурални или урбани средини.
Документот сè уште не е достапен до пошироката јавност
На презентацијата на Стратегијата за ментално здравје на млади не беше презентиран готов документ за кој можат да се дават коментари и препораки, туку беа споменати само делови од иницијативата и објаснет понатамошниот процес.
Се отвори и прашањето за буџетските импликации при имплементацијата на Стратегијата.
Дел од младите и од младинските организации изразија загриженост за успешноста на оваа стратегија.
„Иако го донесовме Законот за млади и младинско учество сведоци сме како има мала имплементација, токму заради буџетот и финансиските импликации, како можеме да се осигураме дека овој пат ќе биде успешно и нема да имаме документ којшто само ќе биде донесен на Влада, туку да имаме и реализација на овие програми ќе имаме буџет, затоа што буџетот е важен за да се реализираат овие програми“, прашаа претставниците од младинските организации.
Во однос на тоа зошто не се презентира јавно Стратегијата, од НМСМ велат дека иако имале таква првична намера, сметаат дека најдобро е оваа стратегија да биде усвоена на Владата, откако Клубот на млади пратеници ќе лобира за нејзино донесување а понатаму и имплементација.
„Младите пратеници да ја преземат надзорната улога и да ги надгледуваат институциите до каде се со имплементацијата, кога ќе стигне буџетот на гласање да проверат дали секоја институција ги отсликала иницијативите коишто се предвидени во самата стратегија, дали се предвидени буџетски импликации, бидејќи ако нема буџетски импликации, значи дека стратегијата следната година ќе постои само како документ“, велат од НМСМ.
Во текот на процесот на изработка на овој документ вклучени биле многу младински организации, а во процесот биле вклучени и претставници од Министерството за здравство и претставници на Влада.
Младите пратеници од Клубот за младински прашања и политики се надеваат дека Стратегијата ќе биде усвоена во најкус можен рок на седница на Владата.
Извор: Мета.мк