Јавниот долг годинава и догодина ќе биде во пораст. Наспроти сегашните проценки, новите покажуваат дека годинава и јавниот и државниот долг ќе бидат во пораст, а овој тренд ќе се одржи и во 2024 та. Следниве години државата треба да исплати стотици милиони евра само по основ на доспевање на Еврообврзници, пишува Порталб.мк. Освен од странство ќе се бараат заеми на домашен пазар – преку Граѓански, Зелени и Проектни обврзници.
Лимитот за Јавен долг од 60% надминат ..
“Со цел да се задржи нивото на јавниот долг во одржливи рамки, без притоа да се наруши фискалната одржливост, се утврдува лимитот на вкупниот јавен долг на среден и долг рок којшто не треба да надмине ниво од 60% од БДП“ – ова го пишува во новообјавената Стратегија за управување со Јавен долг.
Наспроти вака утврдениот “плафон“ бројките покажуваат дека и годинава и догодина Јавниот долг ќе изнесува повеќе од 60% од БДП. Министерството за финансии како што објави “Порталб“ стокми нови ревидирани проекции за растот на економијата, за инфлацијата и за јавниот долг кои се вовед во септемвриски ребаланс на буџетот.
Годинава според објавените податоци ќе заврши со Јавен долг во износ од 7,7 милијарди евра при што скоро 66% од долгот е кон странски кредитори.
Движење за Јавен долг 2023
Јавен долг 7 702 900 000 евра
-надворешен долг 5 055 500 000 евра
-внатрешен долг 2 647 400 000 евра
Следниве години за отплата ќе “тропнат на врата“ стотици милиони евра само по основ доспеани Еврообврзници. Во јули со средства од новата Еврообврзница во износ од 500 милиони евра се исплатија 450 милиони евра за Еврообврзницата издадена во 2016 та година. Но следниве години ќе треба да се раздолжиме и по основ на други Еврообврзници.
Отплата на Еврообврзници Година на издавање
2023 година 450 000 000 евра 2016
2025 година 500 000 000 евра 2018
2026 година 700 000 000 евра 2020
2027 година 500 000 000 евра 2023
2028 година 700 000 000 евра 2021
“Среднорочните проекции прикажани во оваа стратегија покажуваат дека јавниот долг ќе го надмине максималниот праг од 60% во периодот 2023-2025 година, но како резултат на мерките на фискална консолидација, од 2026 до 2028 година се предвидува повторно враќање во пропишаните рамки под 60% од БДП. движењето на јавниот долг на среден рок ќе бележи умерен раст до 2024 година како резултат на последиците на кризата, а потоа, во периодот од 2025 година, преку мерките на фискална консолидација се очекува намалување на нивото долгот“ – се наведува во новообјавената Стратегија.
Не само со заеми од надвор, буџетските потреби и натаму ќе се финансираат и со внатрешни задолжувања. За прв пат во јули беше издадена Граѓанска обврзница но во најава е и издавање на Зелена обврзница. Конкретно во најава се нови “извори“ за обезбедување на заем од домашни кредитори, банки, осигурителни друштва, пензиски фондови, на кои сега им се приклучија и граѓаните. Така освен Граѓанската Обврзница, се подготвуваат и:
–Зелените обврзници – ќе бидат употребени за финансирање, нови и/или постојни зелени проекти. За разлика од постојните обврзници, зелените обврзници ќе се користат само за инвестициски проекти или за зелен развој и ќе бидат наменети за капитални расходи
–Проектните обврзници – предвидени за капитални инвестиции со кои инвеститорите ќе ги вложат своите финансиски средства во капитални и инфраструктурни проекти.
Во исто време се очекува и раст на заемите гарантирани од државата за инфраструктурни – годинава до максимален износ од 250 000 000 евра.
“Гарантираниот јавен долг во период од 2024 до 2028 година се очекува да има благ пораст во 2024 година, понатаму од 2025 година се очекува стабилизација и намалување на гарантираниот долг на 5,6% од БДП во 2028 година“ – наведуваат од Министерството за финансии.
Заклучно со првиот квартал од годинава Јавниот долг изнесува 8,2 милијарди евра што претставува 57,5% од БДП.
Извор: Порталб.мк