Лекарите низ Израел денеска ќе штрајкуваат во протест поради носењето на законот за реформи во судството откако синоќа илјадници демонстранти излегоа на улиците во Ерусалим и Тел Авив.
Од Израелската лекарска асоцијација, која вели дека претставува околу 95% од лекарите во земјата, соопштија дека ќе одржат 24-часовен протест, со исклучок на медицинска грижа во Ерусалим и брзата помош низ земјата. Минатата недела имаа краток предупредувачки штрајк, со тврдење дека судските реформи ќе го „уништат здравствениот систем“.
Протестите беа предизвикани од законот со кој се прават драстични промени во судската власт. Со промените се оневозможува Врховниот суд на Израел да ги поништува владините одлуки. Законот беше усвоен со 64-0, откако опозициските партии ја напуштија седницата во знак на протест извикувајќи „срамота“ додека ја напуштаа салата. Секој член на владејачката коалиција на премиерот Бенјамин Нетанјаху го поддржа законот.
Синоќа улиците околу зградата на парламентот во Ерусалим беа исполнети со околу 20.000 демонстранти кои вееја сино-бели знамиња. На собирот можеа да се слушнат звуци на разочараност откако до присутните стигна веста за резултатот од гласањето на пратениците, а потоа и извици како „никогаш нема да се откажеме“. На ѕидовите и оградите беа лепени пораки на кои пишуваше „нема да служиме на диктатор“, „демократија или бунт“ и „спасете го Израел од Нетанјаху“.
Полицијата во текот на денот употреби и водени топови кон граѓаните со цел да ги расчисти блокираните улици. Најмалку 19 демонстранти се уапсени во текот на вчерашниот ден.
„Ова не става на патот на диктатурата. Не смеете да им го правите ова на луѓето кои протестираат. Тоа е нивно право“, вели Дани Кимел, еден од демонстрантите во Ерусалим, пренесе Гардијан.
Критичарите на законот велат дека ќе го оспорат текстот пред Врховниот суд. Според нив законот ќе направи голема штета на демократијата бидејќи со него се дава преголема моќ на извршната власт.
„Ова е тажен ден. Ова не е победа за коалицијата на власт, туку деструкција на израелската демократија“, изјави по гласањето лидерот на опозицијата, Јаир Лапид.
Во телевизиско обраќање синоќа премиерот Нетанјаху го опиша законот како „неопходен демократски чекор“ кој треба „да ја врати рамнотежата меѓу различните видови власт“. Премиерот повика на нов дијалог со опозицијата и повика на национално обединување.