Владата на вчерашната седница ја поништила својата одлука од пред еден месец за спојување на концесиите за ископ на минерални суровини на „Еуромакс ресоурцес“, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши, додавајќи дека тој бил воздржан при гласањето.
„Владата одлучи да престане да важи претходната одлука, а тоа значи дека ние се враќаме таму каде што бевме, не носиме ниту позитивна, ниту негативна одлука. Министерството за економија инсистира да се донесе некаква одлука, а која е подобрата одлука за интересот на граѓаните ќе каже времето и аргументите“, изјави Бектеши.
Министерот смета дека оваа нова владина одлука само ја враќа ситуацијата во статус кво и дека ја изложува Северна Македонија на потенцијална арбитражна постапка, која може македонските граѓани во иднина да ги чини милионски суми како оштета.
„После 5-6, 10 години, моите и вашите деца и на сите граѓани од денешните одлуки можат да патат во иднина и да плаќаат милионски суми за административни – технички пропусти“, додаде тој.
„Нашите очекувања се дека оваа одлука ќе се спори од страна на концесионерот, што е нивно право. Како институција ќе направиме максимум за да ја браниме оваа одлука. Иако морам да бидам многу транспарентен со јавноста. Имајќи ги предвид аргументите кои ги презентирав тука и можна правна разврска во иднина, ние како Министерство за економија вчера апстиниравме од оваа одлука на Владата. Но, ние не излегуваме во јавност да кажеме дека нема да ја почитуваме оваа одлука, затоа што не сме убедени во неа. Ние ќе направиме се` што е во наша надлежност да ја браниме оваа одлука. Но, сите правници, во Министерството и надворешни адвокатски куќи велат дека ова не ја менува суштината. И после оваа одлука, концесионерот „Еуромакс“ има сопственост на двете концесии. И после оваа одлука ќе има право да го повтори барањето за спојување на концесиите“, додаде Бектеши.
Владата на 27 јуни гласаше да се спојат двете концесии, првата на локалитетот „с.Иловица“ во општина Босилово, а другата исто така на локалитетот „Иловица“, но која зафаќа дел и во општина Ново Село. Како што соопшти Бектеши, првата концесија според територијата целосно се поклопува под втората концесија, која опфаќа поголема површина.
Ваквата одлука предизвика силни реакции во јавноста и протести на еколошки здруженија од југоистокот. По ваквиот револт, медиумите пренесоа дека неколку членови на Владата тврдеа дека биле измамени при носење на одлуката за спојување на концесиите.
Тој изјави дека најдобрата опција според него и Министерството е државата да се повика на заштита на животната средина со цел да се раскинат концесиите.
„Министерството за економија е на ставот да се донесе акт каде се утврдува дека одредена потенцијална инвестиција е спротивна на стандардите за заштита на животната средина. Откако ќе се донесе тој акт, утредента Министерството ќе донесе предлог за едностран раскин на договорот. Но, да се дава простор да не се носи никаква одлука и да не постапуваат институциите, нашиот став е дека тоа е голем ризик за арбитражна постапка“, рече Бектеши.
Министерот Бектеши посочи и дека никого не измамил, и рече дека вчера добил уверување од дел од министрите дека нивните изјави биле погрешно протолкувани. Тој очекува министрите јавно да демантираат дека биле излажани или измамени при носење на одлуката.
Целосната пресконференција може да ја погледнете на следниов линк:
Даниел Евросимоски