Младите заминуваат од Македонија затоа што го губат натпреварот на стадион на којшто не нѝ влегле, додека системските полтрони играат без противник и шутираат на празен гол.
Уште од мали нозе ми биле јасни некои работи. За да влезеш во друштвото на „бубалици“ пожелно е да си добар ученик. За да се вклопиш во друштво кое е опседнато со творење музика, мора да имаш барем малку познавање од нивното поле на интерес. За да седнеш на маса со богати и влијателни луѓе белки треба да имаш некоја приказна зад себе. Па тогаш, каде бре, ние сме се залетале? Која е таа заедничка точка на интерес што нас не поврзува со Унијата и со нејзините вредности? Ние би сакале да седнеме на фенси вечера со европската буржоазија, ама со калливи опинци под чаршаф. Се знае редот, прво реформи и стабилност, па ЕУ, а од реформи ни “Р“ во нашата (р)еторика и визија. Сум поборник за социјална инклузија, ама плебс и патрициј на иста маса, никако не ми штима.
Дословно, на секое истражување на јавното мислење во државава, граѓаните и даваат црвен картон на секоја тековна влада и сите нивни полтрони. Политичарите како да не можат да разберат дека народот веќе не верува никому, а особено не ним, па и со последни сили пробуваат да нѐ убедат како ЕУ не чека со раширени раце.
Да смениме знаме, па ЕУ. Ајде Рамковен, па ЕУ. Уставни промени Vol. 1&2, па ЕУ. Два денара-муабет, како читање басни на малите дечиња пред спиење, упорно ја форсираат и пропагираат идејата дека сѐ волшебно ќе се среди откако ќе станеме полноправна членка на ЕУ, чиниш корупцијата и хаосот во системот магла ќе фатат, системските пијавици ќе ги извадат рацете од медот, а младината што замина, со чартер-линија веднаш ќе ни се врати.
Феноменот брејн-дрејн
Корупцијата како општествена феноменологија постои секаде и ниедно општество не е имуно, но одредени системи, низ годините, успеале да изнајдат механизми како да ја минимализираат. Кај некои народи и моралните вредности се од големо значење, па самиот морал ги држи настрана од овој феномен. Кај нас, ниту моралот на народот е на некое завидно ниво, ниту пак, механизмите за минимализирање функционираат. Овде доаѓаат оние народните, „арамијата вели држ’те го крадецот“, или принципот на „кадија те тужи, кадија те суди“.
Движејќи се по овој терк, набрзо и корупцијата ќе стане маргинализиран фактор за неуспешноста на функционирањето на нашето општество, а дефицитот на квалитетен кадар дополнително ќе нѐ доуништи, особено во сферите кои се од круцијално значење за функционирањето на општеството.
По тоа што го гледаме, огромен број од студентите, особено оние на медицинските факултети, паралелно со студиите посетуваат и јазични курсеви за веднаш по дипломирањето, народски кажано, да му ја дувнат оттука. Друга статистика, пак, покажува дека дури 10% од македонските студенти, студиите ги продолжуваат во странство, што е поразителен фактор за нашиот образовен систем во целина.
Извор: Kanal77.mk
Ако сега, во 2023, лекарските грешки се дел од нашето секојдневие, замислите што ли ќе се случува за десет години отсега. И овде не станува збор само за здравството, размислете само за тоа – кој сѐ би бил судија, обвинител, универзитетски професор или државен функционер… Новите текови на отселување не се веќе од финансиски причини, туку поради нефункционирањето на институциите, тапкањето во место, неможноста да ги покажат и искористат своите квалитети, компетенции, визии… Младите заминуваат од причина што го губат натпреварот на стадион на којшто не нѝ влегле, додека системските полтрони играат без противник и шутираат на празен гол.
Триесетгодишната купи ден-продај политика сега отворено ни се удира од глава. Со свој камен по глава, што би се рекло. Триесет години политичката елита си мавта наоколу со картата на национализмот секој пат кога ќе им зоврие под нозе, шутирајќи го народот, де лево, де десно. Те Македонците ни биле виновни, те Албанците, те Грците, па сега Бугарите, а внатредржавни и системски реформи, пу, пу, скраја да е… На моите врсници од Европа секогаш им е крајно комично со какви сѐ проблеми се соочуваме овде на Балканот, каде иако сите сме заглавени во една иста септичка јама, меѓусебно си помагаме да регресираме дополнително.
Европски искуства. „Шта би било, кад би било…“
Често кога размислувам на темата – македонските евроинтеграции, во глава ми се вртат две можни пред/потоа сценарија. Едното е она хрватското, другото е романското и бугарското. Со оглед на тоа што во неколку наврати и имам живеено и престојувано во Република Хрватска, кога правам компарација на системите, институциите, како и културата на населението кај нас и кај нив, разликите се разочарувачки.
Историски гледано, додека ние сме гниеле во тотално непрогресивната империја, денешна Хрватска била раководена од европска велесила. Па, затоа е неминовен фактот дека Хрватска и Словенија отсекогаш биле попрогресивни и полиберални од останатите југословенски републики и биле речиси секогаш со едната нога на европскиот праг. Тука предвид ги имам политичката култура, политичката партиципација, борбата против корупцијата, владеењето на правото, постоењето на каков било ред и поредок во општеството…. Хрватското општество, всушност, и пред влезот во Европската унија, функционираше далеку подобро од сите други на Балканот.
Од друга страна во другите две држави, Романија и Бугарија, процесот на транзиција тотално ги доуништи и така нефункционалните системи, па речиси со никаква институционална функционалност станаа дел од европското друштво. Разликата во двете искуства е повеќе од очигледна, имајќи го предвид фактот дека и по 16 години како членки на ЕУ, Романија и Бугарија не добија зелено светло за влез во Шенген зоната, додека Хрватска беше пречекана со отворени раце уште при првата прилика. Денес, Романија и Бугарија се негативен пример за системска корупција, за неуспешни системи и никаква визија кон иднината во рамки на европското друштво. Кога би бирал, секогаш би го поддржал првото сценарио. Реформи, па ЕУ. Се друго ќе биде историски погубен чекор за Македонија.
Од друга страна, грубо статистички гледано на одливот на мозоци, податоците кај сите балкански држави се разочарувачки. Во периодот од 16 години откако се членки на Унијата, Бугарија има популациски дефицит од речиси 17%, додека Романија 9%, што изразено во бројки е околу еден милион во бугарскиот и речиси една цела Македонија во романскиот случај. Хрватска, пак, за 10 години има популациски дефицит од речиси 9%. Сепак, треба да се има предвид дека популацискиот дефицит не зависи само од отселувањето на населението, туку и од целокупната социо-економска благосостојба, особено на младите.
Грубо гледано и во македонскиот случај трендот на иселување е горе-долу ист, но имајќи го предвид фактот дека ние не сме ни на пат да станеме членка на ЕУ и дека процесот на отселување на граѓаните е голема бирократска процедура, бројките се погубни. Иако располагаме со ограничен број на статистички ресурси, како резултат на долгогодишното неспроведување на попис на населението, бројките кажуваат дека во период од 20 години, населението се намалило за 10%, односно приближно за 200.000 граѓани.
Последното истражување на јавното мислење, спроведено од ИПИС, покажува дека дури 45% од младите до 29 години размислуваат да ја напуштат државата. И сега размислете, што е тоа што ги држи овде тие 45 проценти? Надежта за подобрување, довербата во институциите, добриот животен стандард или квалитетот на животот? За жал, ништо од наведеното. Единствена причина што досега не рекоа фајронт, според мене, е немањето соодветна документација.
На крај, за парадоксот да ја достигне точката на вриење да се потсетиме на оние што ги оставаа чевлите и патиките пред Влада, и како токму тие, во период од два мандата не направија ништо за да го спречат одливот на младите мозоци. Актерите се сменија, македонската сапуница останува иста.
Доколку набрзо не успееме да креираме една визионерски издржана државна агенда, со широк политички консензус, за пренасочување на фокусот од меѓусебните обвинувања, уставните промени и ширењето омраза кон спроведување на политики што ќе го редуцираат, или во најдобар случај, целосно ликвидираат трендот на одлив на мозоци, во ЕУ ќе влеземе како шупливо јаболко. Однадвор убаво, однатре црвосано.
Еден политички ум еднаш ми кажа дека „Американците водат политика на прагматика, Германците – на логика, а Македонците, политика на инает“.
Е па, да видиме до кај ќе нѐ дотера инаетот.
Quo vadis Macedonia?
*Ѓорѓи Хаџи-Василев е активист со повеќегодишно работно искуство во различни сектори и апсолвент на Катедрата за политички науки на Правниот факултет “Јустинијан Први“. Во моментов е ангажиран како програмски асистент во Националниот Демократски Институт(НДИ) во Скопје. Член е на младинските мрежи European Democracy Youth Network (EDYN) и Global Shapers Community.
****Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.
Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.