Денешниот избор за рубриката #НизТвојотОбјектив се фотографии на Димитар Атанасоски, студент по камера на Факултетот за драмски уметности во Скопје.
Димитар кој за себе вели дека е филмофил кој сака да чита книги и излегува од реалноста, со фотографија се занимава веќе 7 ипол години, а досега учествувал на повеќе изложби во Македонија и странство.
„Се започна со искра на љубопитност и голема желба. Откако се запишав на факултет повеќе сум фокусиран на кинематографијата бидејќи ми буди повеќе адреналин, а фотографијата ми оди така, попатно. Искуството стекнато преку фотографијата многу ми помогна подоцна со снимањето бидејќи двете уметнички форми кохезивно се надополнуваат една со друга“, вели Атанасоски за Радио МОФ.
Тој додава дека фотографијата му дава можност светот да го гледа од нова перспектива, откривајќи нови детали кои често остануваат незабележани.
„За разлика од некои фотографи, себеси не можам да се ставам во некоја категорија на фотограф, фотографирам сè што ми е симпатично. Еве можам да издвојам дека во последно време уличната фотографија ми е издувен вентил и обожавам да истражувам места кои ми изгледаат поразлично“, открива фотографот.
Радио МОФ започна со рубриката #НизТвојотОбјектив со цел да отвори можност за изразување, промовирање и поврзување на фотографи. Секој четврток објавуваме фотографија или фотографии од еден автор.
Сите заинтересирани за објавување, своите фотографии може да ни ги пратат на info@radiomof.mk, заедно со кратка биографија и кусо објаснување за контекстот на фотографијата. Фотографиите треба да опфаќаат различни општествени теми како екологија, дискриминација, цензура, млади, маргинализација, корупција, незадоволство и секојдневното живеење.