Министерството за образование и наука (МОН) склучи договор со Шпаркасе банка АД Скопје за обезбедување наменска платежна картичка за субвенциониран студентски оброк за студентите за новата академска година.
„Ова е системското решение со кое нашите студенти, исто како и нивните европски колеги, добиваат финансиска поддршка само за намената за која се одвојуваат од буџетот на МОН – да им помогнеме во обезбедувањето здрав оброк“, изјави министерот Јетон Шаќири на потпишувањето на протоколот.
Од Министерството информираат дека студентите кои ќе се стекнат со правото на субвенциониран студентски оброк ќе треба да потпишат договор со Шпаркасе банка за да отворање посебна сметка која ќе биде поврзана со платежната картичка за студентски оброк. За отворање на сметката и издавање и одржување на платежната картичка студентот нема потреба претходно да бил клиент на оваа банка. Покрај тоа, како што додаваат од МОН, студентот нема да има никакви трошоци околу отворање на сметка и издавање на наменската платежна картичка.
Наменската картичка е дел од пакетот што ќе го добие студентот кој стекнал право на субвенциониран студентски оброк. Во пакетот како што изјави претседателот на Шпаркасе Банка, Санел Кустурица, студентите ќе добијат две картички.
„Едната ќе биде за купување здрав оброк а другата ќе биде платежна картичка Vibe on, со што тие стануваат дел од Клуб Премиум’’, истакна Кустурица.
Од МОН соопштија дека Шпаркасе банка била избрана по завршување на јавниот повик, согласно измените на Законот за субвенциониран студентски оброк.
Субвенциониран студентски оброк е финансиска поддршка во износ од 140 денари, наменета за купување приготвена храна, а студентот може да ја користи од понеделник до сабота, кај правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна.
Сумата на оброкот од 120 се покачи на 140 денари на барање на студентите кои во ноември минатата година излегоа на протест пред Собранието. По разговори со пратениците, беше постигнат договор од април 2023 година оброкот да се исплаќа по дневен износ од 140 денари, по што следуваа разговори за измени на Законот за субвенциониран студентски оброк. Воведувањето на наменска платежна картичка што беше предложено со цел студентите да ги користат средствата исклучиво за таа намена беше меѓу предлог-измените на Законот.
Според податоците на МОН, годишно за оваа мерка од буџетот на Министерството се одвојуваат над 940 милиони денари.