Од 19 до 29 август во организација на „Мировна акција“ во Крушево ќе се одржи 14-тиот тренинг за соочување со минатото и изградба на мир „Десет дена Мировна република“.
Тренингот е отворен за сите полнолетни лица, а сите трошоци за учество ќе ги покрие „Мировна акција“.
„Ако ти е важно да слушнеш што имаат да кажат другите околу тебе за темите, кои обично ги прескокнуваме, ти треба безбеден простор за отворен дијалог, си незадоволен/а од реалноста во која живееш и сакаш да ја менуваш, бараш простор, инспирација и сојузници за општествена промена, тогаш, овој тренинг е за тебе! На сите учесници/чки на тренингот ќе им бидат понудени знаења и вештини корисни во нашето секојдневие, дома, на работа, во друштво или при обичен разговор со пријател/ка. Tемите кои ќе бидат опфатени се ненасилна комуникација, работа во тим, насилство, разбирање на конфликти, соочување со минатото, изградба на мир, ненасилна акција, родови улоги, дискриминација, како и идентитет и етнички идентитет. И силен поттик усвоените сфаќања за темите да се критикуваат и преиспитуваат“, се посочува во најавата за тренингот.
Како што посочуваат од „Мировна акција“, на тренингот најчесто се работи на македонски јазик, но дополнуваат дека секој учесник или учесничка, кој има потреба да зборува на албански јазик, тоа ќе може да го стори.
„Ќе има и помош за превод по потреба. Се обидуваме јазикот да го третираме првенствено како алатка за меѓусебно разбирање, а користењето на еден јазик овозможува полесно течење на процесот. Сите материјали се двојазични, на македонски и албански“, велат од „Мировна акција“.
Организаторите најавија дека за тренингот ќе бидат одбрани 20 учесници/чки, а за исходот на изборот ќе бидат известени најдоцна до 10 август. При изборот на учесници/чки на тренингот, тренерскиот тим, како што најавија тие, ќе се води од пополнетата пријава и од потребата за балансирано учество.
„Програмата е отворена и флексибилна, направена е да ги следи потребите, можностите и мотивацијата на учесниците/чките и се менува по потреба. Учесниците/чките на крајот на програмата ќе добијат сертификати за учеството“, посочуваат од „Мировна акција“.
Рокот за пријавување е до 8 август на следниов ЛИНК. Повеќе информации за тренингот се достапни на овој ЛИНК.