Кандидатите за упис на Државниот универзитет „Гоце Делчев“ – Штип (УГД) кои се странски државјани, покрај задолжителните документи, требало да поднесат и тестови за ХИВ и Хепатит Ц и со тоа Универзитетот извршил повеќекратна директна дискриминација врз основ на државјанство и здравствена состојба, утврди Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД).
Оваа одлука Комисијата ја донесе минатиот месец, односно на 18 јули, а при постапката на донесување на одлуката ги контактирала и надлежните во УГД по што, оттаму рекле дека лекарското уверение за ХИВ и Хепатит Ц што се барало од странските студенти е изземено од „Водичот за странски студенти“ што може да се најде на веб-страницата на Универзитетот.
Во дописот што Комисијата го добила од Универзитетот „Гоце Делчев“ стои дека барањето е изземено од сите три верзии на „Водичот“ кои се достапни на македонски, англиски и турски јазик. Меѓутоа по уште една проверка КСЗД увидела дека документот сѐ уште се бара во македонската и англиската верзија.
Радио МОФ на официјалната веб-страна на Универзитетот утрово увиде дека барањето за лекарско уверение со тестови за ХИВ и Хепатит Ц за странски државјани сѐ уште беше наведено како услов во англиската верзија на официјалната веб-страна, воедно и верзија која поради јазикот веројатно најмногу ја пребаруваат токму странски студенти, но сега барањето е тргнато од сајтот.
За ова, прашање упативме до управата на Универзитетот, од каде ни одговорија дека при упис на странски студенти на Универзитетот „Гоце Делчев“ не се бараат тестовите за ХИВ и Хепатит Ц и дека може да се види и во Конкурсот за учебната 2023/24 објавен на англиски и турски јазик, како и во Водичот за упис на странски студенти.
„Барањето за тестовите за ХИВ и Хепатитис Ц, кој што Вие сте го забележале е технички превид и истото ќе биде отклонето во најкус можен рок“, стои во одговорот кој го добивме од УГД.
КСЗД во Одлуката наведува дека покрај тоа што така бараното лекарско уверение со тестовите за ХИВ и Хепатит Ц непосредно не претставува потенцијална не можност за упишување на соодветни студии и остварување на право на образование како такво, сепак ги дискриминира и странските студенти врз основа на нивната здравствена состојба.
„Според Комисијата таквиот документ ги дискриминира врз основа на државјанство сите странски студенти воопшто, но во рамки на оваа група дискриминира и група лица кои живеат со ХИВ. Оваа група на лица кои живеат со ХИВ, покрај врз основ на државјанство, дискриминирана е и врз основ на здравствена состојба споредбено со странските и домашните студенти како лица кои не живеат со ХИВ, со што врз нив е сторена повеќекратна дискриминација по два дискриминаторски основи во смисла на член 4 став 1 точка 10 од Законот за спречување и заштита од дискриминација“, велат од КСЗД.
Комисијата препорачува Универзитетот целосно да ги отстрани овие барања во рок од 30 дена од донесување на Одлуката и за тоа соодветно да ја извести, а даде и препорака во иднина Универзитетот да се воздржува од преземање дејствија на дискриминација и нееднаков третман на студенти странски државјани.
Ангела Бошкоска