Жените во Тексас со сериозни компликации за време на бременост привремено ќе бидат изземени од забраната за абортус што ја постави јужноамериканската држава, одлучи судијката Џесика Мангрум.
Мангрум рече дека на донесениот закон за забрана на абортус му недостасува јасност, застанувајќи на страната на жените и лекарите кои во март ја тужеа државата за законот.
Лекарите нема да бидат кривично гонети доколку спроведат добронамерна одлука за обезбедување услови за абортус, додаде судијката.
Привремената забрана ќе биде на сила додека се донесе финалната одлука за тужбата. Следно, од петок се очекува државата да ја поднесе жалба за пресудата.
Со Законот за забрана на абортус во Тексас се забрануваат сите видови абортус, освен во тешки медицински услови, со што тој е еден од најстрогите во САД.
Прекршувањето на Законот може да носи парична казна од 100.000 американски долари и доживотен затвор. Тој беше воведен во 2022 година, кратко откако Врховниот суд ја поништи својата 50-годишна одлука „Ро против Вејд“ по што милиони жени од целата држава го загубија своето уставно право на абортус.
Овој случај е првиот покренат во име на жените кои оттогаш го изгубија правото на абортус. Групата жени и лекари што ја тужат државата Тексас се надеваат дека ќе се промени забраната, за лекарите да добијат поголема слобода при одлучувањето кога е неопходно да се направи абортус.