Протераните противници на претседателот на Белорусија Александар Лукашенко вчера се состанаа во Полска, во пресрет на третата годишнина од неуспешни протести кои се случија по претседателските избори, за да покажат единство и да планираат стратегија, вклучително и издавање пасоши на „Нова Белорусија“, јавува Ројтерс.
Самопрогласената влада на Светлана Тихановскаја која беше основана во август 2022 година отвори повеќе од 20 алтернативни амбасада и информативни центри во странство. Тихановскаја која се кандидираше на последните претседателски избори и побегна од Белорусија рече дека опозицијата ќе бара меѓународно признавање на алтернативните пасоши.
На настанот кој се одржа во Варшава, таа ги повика опозициските сили во странство да се обединат и да го поддржат создавањето на движењето „Нова Белорусија“.
„За жал, изминатите три години нè научија секогаш да се подготвуваме за најлошото. Навикнати сме на фактот дека најсилната желба не е доволна за промена на гнилиот систем. Навикнати сме на фактот дека поради политиката на режимот, нашата мирна Белорусија денес се нарекува земја-агресор и се става на исто ниво како Русија“, рече Тихановскаја.
Протестите кои избувнаа по прогласувањето на резултатите кои покажаа убедлива победа на Лукашенко, траеја неколку месеци пред да бидат задушени од безбедносните сили, што предизвика масовен егзодус на Белоруси.