На второто издание на „Get EXITed“ кое ќе се одржи на 7 септември во градскиот парк во Струмица ќе настапат Џон Њуман, Бурак Јетер и Констракта, соопштија денеска од фестивалот „Егзит“.
Основачот и директор на фестивалот Душан Ковачевиќ вели дека од првиот „Егзит“, гостите од земјава биле меѓу најбројните и посочи дека им е особено задоволство уште еднаш да ја донесат моќната енергија на фестивалот во Струмица.
„Минатогодишното издание навистина ги надмина сите очекувања, за време на настанот немаше слободно сместување во околината на Струмица, туристите дојдоа од целиот регион, а на 7 септември со најголемите глобални и регионални имиња продолжуваме во уште посилен ритам“, рече Ковачевиќ.
Градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов посочи дека е голема честа и задоволството што во Струмица по втор пат се одржува „Get EXITed“.
„Струмица и годинава преку звукот и светлината на ‘Get EXITed’ ќе биде музички центар на Балканот. Минатата година покажавме дека сакаме, можеме и успеавме, Големиот градски парк да го направиме место на кое повеќе од 20.000 луѓе уживаа во Егзитовиот спектакл, прв и единствен во државата. Докажавме дека нашата Струмица заслужено се најде на мапата на светски познатиот фестивал ‘Егзит’“, рече Костадинов.
Влезот за настанот е бесплатен, а заинтересираните посетители можат да купат карти само за во ВИП секцијата на овој ЛИНК.