Вработените во Медиумската информативна агенција (МИА) и денеска излегоа на предупредувачки протест, за време на получасовната паузата пред просториите на агенцијата, соопшти Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
Новинарите и медиумските работници по седми пат го повторија ставот за итна реакција и зголемување на платите и порамнување на трошоците за живот, посочуваат од ССНМ.
„Вработените истакнаа дека се надеваат дека премиерот Димитар Ковачевски, како што изјави во вчерашното интервју за МИА, ќе го одржи зборот и во најкус можен рок ќе се изнајде решение за барањата на вработените во Медиумската информативна агенција“, велат од синдикатот.
Синдикалните организации оценуваат дека барањата на колегите од МИА се реални и предупредуваат дека агенцијата има исклучително важна улога во целокупното медиумско информирање во земјава.
На последниот протест кој се одржа во петокот, од ССНМ истакнаа дека новинарите и медиумските работници во МИА ги разгледуваат сите опции за радикализација на протестот доколку не се реализираат нивните барања.