Компанијата Зум, чие име стана синоним за работа на далечина за време на пандемијата им нареди на вработените да се вратат во канцеларија, пишува „Би-Би-Си“.
Фирмата изјави дека верува дека „структурираниот хибриден пристап на работа“ е најефективен и луѓето кои живеат на 80 километри од канцеларија треба да работаат од таму барем два пати неделно.
Ова е најновиот чекор на гигантската компанија да ги отфрли флексибилните услови за работа. Амазон и Дизни се меѓу фирмите кои го намалија бројот на денови на работење од дома.
Анкетите покажуваат дека вработените сѐ уште ја користат можноста до одредено ниво да работат од дома.
Околу 12% од работниците во САД, каде се наоѓа седиштето на Зум целосно работеле на далечина во јули, додека 29% имале хибриден пристап, покажуваат истражување направено на Универзитетот Стенфорд и други анкети кои од пандемијата се спроведуваат на месечно ниво.
Претходното истражување на Стенфорд сугерираше дека работењето на далечина е повообичаено во земјите каде се говори Англиски јазик, додека помалку често во Азија и Европа.
Пред пандемијата, само 5% од работниците во САД работеле од дома. Вработените на глобално ниво постојано сакаат пофлексибилни услови на работа од она што работодавците сметаат дека е оптимално.
Технолошката компанија соопшти дека новите мерки треба да започнат да се применуваат во август и септември на различна временска рамка која варира од држава во држава.
Оттаму рекоа дека ќе продолжат да ги вработуваат најдобрите таленти, без разлика на нивната адреса на живеење. На крајот на јануари, компанијата вработи 8.400 луѓе од кои најголемиот дел живеат во САД.