Од Црвениот крст на Македонија информираат дека се во комуникација со Црвениот крст на Словенија и согласно нивната проценка, веднаш им е понудена првична помош.
„Од своите резерви, Црвениот крст на РСМ издвои средства во висина од 5.000 евра, понудени се и волонтери, тимови за соодветна интервенција и во зависност од потребите веднаш ќе бидат ставени во функција“, велат оттаму.
Од Црвениот крст на РСМ истакнуваат дека сите заинтересирани правни субјекти и граѓани можат да донираат парична помош на:
– Сметката на Фондот на солидарноста на Црвениот крст на РСМ: 300000001327966, даночен број: 4030984271620 АД Комерцијална банка со назнака: помош за настраданото население во Словенија.
– како и да се донираат 100 денари со повик на телефонските броеви 143 400 на Македонски Телеком и А1.
Дополнително, во текот на вчерашниот ден, од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека сто армиски припадници се подготвени да заминат за Словенија за да помогнат во справувањето со катастрофата која настана откако земјата беше погодена од обилни дождови и силни ветрови неколку дена по ред.
Од ЦУК велат дека министерката за одбрана Славјанка Петровска, по консултации со Генералштабот на Армијата, известила дека македонската армија е подготвена да испрати 100 армиски припадници.
Во свое медиумско гостување, министерката за одбрана, Славјанка Петровска посочи дека 100 македонски војници веќе утре ќе заминат во Словенија и ќе помогнат во процесите за санирање на штетите од невремето и полавите што ја погодија земјата.
Заминувањето на 100 припадници ќе заминат утре, откако денес на седницата на Владата ќе биде донесена одлука, формален дел од процедурата за испраќање на ваков вид на помош.