За да го здогледате метеорскиот дожд „Персеиди“, време е да се упатите кон селата или во околини без светлинско загадување. Предвидени се над 50 метеори на час на ноќното небо, јавува „Форбс“.
„Персеидите се еден од најдобрите метеорски дождови во годината. За најдобро да ги видите, треба да пронајдете темно место, подалеку од било какви светла, а во врвот на оваа појава, можете да забележите над 100 метеори на час“, изјави Ник Московиц, планетарен астроном од опсерваторијата Ловел.
Еве кога, каде и како да го видите метеорскиот дожд Персеиди во 2023 година:
Метеорскиот дожд Персеиди вреди да се фати во ноќта кога паѓањето на метеорите е во врвот. Според Sky At Night, постои период од 16 часа кога активноста е зголемена.
„Врвот на метеорскиот дожд ќе се случи по полноќ на 13 август, но во периодот од неколку денови пред и по овој датум, видливоста ќе биде исто така добра“, посочува Московиц.
Попрецизно, оваа година, врвот на метеорскиот дожд ќе се случи во 4 часот наутро, во недела, 13 август, по универзално време, односно
во 12 часот во недела, 13 август, сметано по источното летно сметање на времето, 23 часот во сабота, 12 август по централното летно сметање на времето, 22 часот, во сабота на 12 август по планинското летно сметање на времето и 21 часот во сабота на 12 август, по тихоокеанското летно сметање на времето и планинското стандардно време.