[Став] Да создадеме општество без дискриминација за секое дете

УНИЦЕФ информира дека по повод 30 години од ратификувањето на Конвенцијата за правата на децата, во следниот период ќе споделува тематски осврти и ставови поврзани со правата на децата.

Во продолжение интегрално го пренесуваме првиот ваков текст од претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ДиЏовани. 

 

Сите деца насекаде имаат право на достоинствено детство, почит и вреднување. Неправичниот третман и дискриминација на децата врз основа на социјалниот статус на нивните семејства, способноста, етничкото потекло, јазикот што го зборуваат, полот, религијата или врз друга основа, го оневозможуваат нивниот развој и напредок.

Пристапот до еднакви можности и најдобар можен исход не значи поеднаков третман на сите деца; на некои деца и млади им е потребна поголема поддршка или пак различна поддршка отколку на останатите за да ги надминат пречките и тешкотиите.

Во најновите Заклучни согледувања за напредокот на Северна Македонија во остварувањето на детските права, Комитетот за правата на детето го поздравува донесувањето закони и стратегии за заштита на децата од дискриминација.

Во земјата постои добра правна и системска рамка, вклучувајќи ја и примената на новиот модел за проценка на попреченоста со пристап заснован на човекови права врз основа на Меѓународната класификација за функционирање, попреченост и здравје (МКФ), Националната стратегија за деинституционализација за периодот 2018-2027 и донесувањето на Законот за основно образование како правна основа за инклузија на учениците со попреченост во редовниот образовен систем.

Меѓутоа, Комитетот исто така искажа сериозна загриженост во однос на стереотипите и социјалните норми поради кои опстојува дискриминацијата врз децата, особено дискриминацијата врз децата Роми и децата со попреченост и ја истакна важноста на неделивоста и меѓусебната поврзаност на сите детски права.

Неделивоста и меѓусебната поврзаност на сите детски права значи дека не може да ги одбираме правата зависно од околностите и потребите. Кога на пример работиме на унапредување на учеството на децата, соодветната исхрана или квалитетното образование, едновремено треба да ја унапредуваме инклузијата и принципот на недискриминација.

За да може Законот за основно образование и моделот за проценка на попреченоста заснован на МКФ да станат реалност за децата со попреченост, државата треба да ги зголеми финансиските и човечките ресурси за имплементација; да ја подобри достапноста и адекватноста на училиштата, објектите, превозот и просторот правејќи ги целосно пристапни и да обезбеди поголем број услуги за децата со попречност во заедницата. Меѓутоа децата не можат целосно да ги искусат придобивките од овие промени доколку се соочени со стигматизација. Затоа мора да се справиме со постоечките предрасуди што придонесуваат кон маргинализација и дискриминација на децата со попреченост во пристапот до здравствени услуги, образование и заштита и учество во општеството.

Постои сложена поврзаност помеѓу сиромаштијата и дискриминацијата. Дискриминацијата придонесува кон сиромаштија, а поради сиромаштија некои луѓе може да бидат изолирани и да бидат социјално обележани, што резултира со дискриминација. Децата што потекнуваат од сиромашни семејствата често се соочуваат со дискриминација во обидот да добијат основни социјални услуги. Освен тоа, им недостасува поддршка од заедницата поради социјалната стигматизација. Секое трето дете во Северна Македонија е во ризик од сиромаштија и 12 отсто од децата на возраст од 5-17 години се соочени со мултидимензионална сиромаштија.

Децата Роми се диспропорционално застапени помеѓу децата кои се во ризик од сиромаштија. Над 20 отсто од нив се исклучени од основното образование во Северна Македонија. Исто така, застапеноста на рани бракови во ромските заедници ги намалува можностите за образование, особено за девојчињата. Многу поголема е веројатноста за стапување во малолетнички брак кај девојчињата од ромските заедници отколку кај девојчињата од другите заедници пред сè поради сиромаштија, односите меѓу половите, културолошките и социјални практики. Раните бракови може да го зголемат и ризикот од бременост во адолесценцијата.

Оттука, за да се спречи меѓугенерацискиот пренос на обесправеност и дискриминација, ние мора да работиме со поголем интензитет на намалување на детската сиромаштија. Неопходно е да се унапредат социјалните служби и службите за детска заштита, а кадарот во социјалните служби да ги зајакне капацитетите за навремено идентификување на децата во ризик од сиромаштија, насилство и запоставување, и да се подобри системот за социјални трансфери за децата и нивните семејства.

Не можеме да напредуваме како општество ако принципот за недискриминација и еднаквост не е втемелен во нашата визија за иднината. Тоа е остварливо и може да започне уште од најраното детство. Децата не се раѓаат со предрасуди; тие ги учат општествените норми од своите родители и од другите возрасни што се грижат за нив. Добрите програми за родителство, поддршката на социјалниот и емоционалниот развој на децата, поттикнувањето емпатија, споделување и прифаќање на разликите, како и спречувањето на малтретирање и насилство, може да придонесат за создавање нови генерации кои ќе го мерат сопствениот успех според степенот на правичност и еднаквост во општеството.

Оваа година кога Северна Македонија ја одбележува 30-годишнината од ратификувањето на Конвенцијата за правата на детето и 30-годишнината од официјалното воспоставување соработка со УНИЦЕФ откако земјата стекна независност, сега, повеќе од кога било претходно, посветени сме на поддршка на партнерите во нивните заложби за создавање помирно, просперитетно и правично општество – општество без дискриминација, за секое дете.

*Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.