Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата денеска побара оставка од Jавниот обвинител, Љубомир Јовески, поради постапувањето на јавното обвинителство во врска со пожарот во тетовската модуларна болница каде животот го загубија 14 лица.
„Од изведеното во документарецот ‘Убиство во Тетово’, истрагата на јавното обвинителство за случајот не е целосна и не е ги цени доволно заклучоците изнесени во Службената експертиза на германските експерти, како резултат на што во јавноста се разгоруваат сомнежи за непрофесионално постапување на обвинителството и занемарување на околности кои можат да ги прошират обвиненијата и да инкриминираат други лица“, кажаа од Платформата за антикорупција.
Од таму додаваат дека на ова се надоврзува и фактот што Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција сѐ уште ги истражува наводите за корупција при спроведувањето на јавните набавки во случајот и покрај тоа што, како што велат од Платформата, веќе е пречекорен рокот од членот 301 од Законот за кривична постапка, а притоа во јавноста не се понудени никакви образложенија ниту за тоа зошто е продолжуван рокот согласно ставовите 2 и 3 од истиот член, ниту зошто и покрај ова продолжување истрагата не резултира со завршница.
Претставниците на граѓанските организации членки на Платформата доставија и официјално писмено барање за оставка на Јовески до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Барањето на Платформата доаѓа откако Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) во неделата го објави документарецот „Убиство во Тетово“ за пожарот во тетовската модуларна болница што се случи на 8 септември 2021 година. Во филмот се прикажани и нови документи добиени од „свиркачи“ при што се тврди дека некои од модуларните болници се граделе без елаборат за електрична инсталација, без елаборат за противпожарна заштита, без надзор на изградбата и имало низа други законски пропусти.
Инаку, вчера пред зградата на тетовското Основно јавно обвинителство и Основниот суд, протест одржаа стотина граѓани барајќи правда.