Заврши расправата за отворање на Уставот во Собранието, гласањето е одложено

Во Собранието денеска започна и заврши пленарната седница на која единствена точка беше Предлогот за изменување на Уставот. Откако се исцрпи листата на пријавени за збор, по речиси три часа дискусија, претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина седницата.

Гласање за потребата од менување на Уставот немаше, a претседателот Џафери посочи дека пратениците дополнително ќе бидат известени за продолжението на седницата.

Измените на уставот се предвидени во преамбулата после делот „…од бошњачкиот народ“, да се додадат „деловите од
бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ“. Истовремено се предлага и промена во Амандманот XII од Уставот, кој се однесува на Комитетот за односи меѓу заедниците, каде се бара промена на бројот на членовите, од досегашните 19 да се зголеми на 43.

Претходно, уставните измени се најдоа на расправа во Комисијата за уставни прашања, каде со 10 гласа „за“ и 7 „против“ беше усвоен заклучокот за пристапување кон измена на Уставот.

За тоа како е предвидено да се одвиваат уставните измени, погледнете повеќе во видеото на Радио МОФ.