Во Мексико е донесена одлука за специјален данок на брзата храна со цел борбата против дебелината да биде поефикасна. Претседателот Нието бара од сограѓаните да се занимаваат повеќе со спорт, објави Дојче веле.
Мексиканскиот претседател Енрике Нието оцени дека во Мексико владее „вистина епидемија на дебелина“. Тој најави низа мерки за да се намали телесната тежина на Мексиканците, како воспитни иницијативи, нови прописи за етикетирање на производите и спортски програми.
Освен тоа, во земјата се воведува казнен данок за брзата храна. На животните намирници кои имаат повеќе од 275 калории на 100 грама, од почетокот на 2014 година ќе се воведе специјален данок од 8 проценти. Конгресот даде зелено светло за ваков данок, кој е дел од даночната реформа во земјата.
Лошата исхрана и недоволното движење од Мексиканците направија нација која има повеќе дебели луѓе отколку САД. Во Мексико 70 проценти од возрасните и 30 проценти од децата важат како дебели. Речиси секој десетти Мексиканец боледува од дијабетис.