Федерален суд во САД одлучи дека уметничко дело создадено со вештачка интелигенција (ВИ) не може да има заштитени авторски права.
Судијката Берил А. Хауел оваа одлука ја донесе откако Агенцијата за заштита на авторски права на САД одби да ги заштити авторските права на Стивен Талер за негова ВИ генерирана слика направена со алгоритам кој тој самиот го имал создадено.
Талер се обидел неколку пати да ја заштити сликата, но постојано добивал негативен одговор на неговите барања. По последното одбивање минатата година тој ја тужел Агенцијата со образложение дека негативниот одговор бил „арбитрарен и каприциозен и дека не бил во согласност со законот“.
Сепак судијката Хауел не сметала дека е во право. Во нејзината одлука таа вели дека авторските права не можат да бидат заштитени за дело „кое немало контрола од човечка рака“ додавајќи дека „човечкото авторство е најважно при заштитата на авторските права“. Ова правило е засновано на претходни случаи кои се цитирани во нејзината одлука, како на пример случајот со селфи направено од мајмун. Истовремено таа го издвоила и случајот во која жена направила книга од белешки исполнета со „зборови за кои верувала дека им биле диктирани од натприроден глас“ и дека авторските права на таквите дела можат да бидат заштитени.
Судијката Хауел сепак признава дека човештвото се приближува кон нови граници на авторските права, каде уметниците ќе користат ВИ како алатка за создавање на нови дела. Таа во одлуката пишува дека ова ќе создаде нови дилеми за тоа колку човечки инпут е потребен за да се одобрат авторските права на ВИ создадена уметност.
Во полето на ВИ во моментов се трупаат голем број тужби. Комичарката и писателка Сара Силверман и двајца други автори поднесоа тужба против ОпенАИ и Мета поради нивните модели на масовно преземање податоци од интернет, додека во друга тужба од правникот и програмер Метју Бутерик се тврди дека преземањето податоци од Мајкрософт, ГитХаб и ОпенАИ е еден вид на пиратерија.