„Индија е на Месечината“, објави Средара Паникер Соманат, лидерот на Индиската организација за вселенски истражувања по слетувањето на Викрам.
Индија стана само четвртата земја во светот која успешно слетала вселенски модул на површината на Месечината, по САД, Русија и Кина. Овој успех доаѓа во време кога властите планираат инвестирање во приватни вселенски летови и бизниси поврзани со сателити.
Луѓето во Индија беа во исчекување пред телевизорите додека леталото се приближуваше кон површината на Месечината во телевизиски пренос во живо.
„Ова е победнички крик на новата Индија“, изјави премиерот Нарендра Моди, кој можеше да се види како го вее индиското знаме додека го гледаше слетувањето од Јужна Африка, каде присуствува на самит на БРИКС.
Мисијата Чандрајан-3 беше лансирана пред шест недели пред огромна публика, а на леталото му требаше далеку повеќе време за да стигне до Месечината отколку на мисиите Аполо во 1960-тите и 1970-тите години, кои тогаш долетаа на месечината за неколку дена. Индија користи ракети кои се многу послаби од оние кои САД ги користела во тој период. Наместо тоа, леталото орбитираше околу Земјата неколку пати, за да добие забрзување пред да се упати на едномесечниот пат кон нашиот природен сателит.
Роверот на шест тркала се очекува да се движи по лунарната површина и да собира фотографии и податоци. Се очекува тој да биде функционален две недели и да изврши неколку експериметри, меѓу кои и спектометарска анализа на минералниот состав на површината на Месечината.
Во понеделникот Русија информираше дека неуспешно завршила нивната прва мисија на Месечината во последните 47 години, Луна-25, која исто така беше упатена кој јужниот пол. Руската државна вселенска агенција Роскосмос неуспехот го припиша на недостаток на искуство поради долгогодишната пауза во истражувањата на Месечината, откако последната советска мисија била во 1976 година.