Компанијата Лего започнува да продава коцки со брајово писмо со цел да им помогне на слепите деца и децата со оштетен вид да научат да ја читаат азбуката базирана на допир.
Данскиот производител на играчки од 2020 година досега обезбедуваше вакви специјализирани коцки бесплатно во одредени училишта или сервиси за деца со оштетен вид. Коцките биле тестирани и развиени во соработка со организациите на слепи лица низ целиот свет, а од следниот месец ќе бидат достапни за продажба за секој кој е заинтересиран.
Од Лего се надеваат дека оваа иницијатива може да им помогне на родителите и роднините во учењето на брајовата азбука, а компанијата вели дека играчките ќе вклучуваат и повеќе едукативни игри кои ќе можат да ги играат заедно сите во семејството.
Иако некои веќе го сметаат брајовото писмо за застарено, со оглед на тоа што технологијата сега може да претвори пишан текст во говор, слепите луѓе сепак велат дека сакаат да ја имаат слободата да прават повеќе работи одеднаш, како читање со нивните прсти и слушање на други нешта.
Од Европската асоцијација на слепи лица велат дека знаењето на брајовото писмо води кон подобрено изговарање на зборовите, пишување и читање, а придонесува и за повисоко ниво на образование и подобри можности за работа за оние кои имаат оштетен вид.
Дејв Вилијамс од британскиот Институт за слепи лица вели дека знаењето на брајовото писмо им овозможува независност во читањето на лицата со оштетен вид.
„Кој би сакал честитка некој да ви ја чита? Исто така има и нешта како друштвени игри, етикети на производи и можноста да им читате на вашите деца приказна за добра ноќ. Тоа е тешко да се направи доколку компјутер ви зборува во вашето уво“, објаснува тој.
Вилијамс додава дека учењето на брајовата азбука преку Лего коцки го прави целиот овој процес многу побрз и помалку досаден.
„Преку користењето на популарна играчка тоа учење не изгледа чудно. Крши многу бариери“, вели тој.
Лего коцките со брајово писмо ќе бидат наменети за децата над шест години и ќе можат да се купат во земји од англиското говорно подрачје, како Велика Британија, Ирска, САД и Австралија и во држави каде се говори на француски јазик – Белгија, Канада и Швајцарија. Италијански, германски и шпански верзии на коцките се очекува да бидат пуштени во продажба следната година.