Поранешниот американски претседател Доналд Трамп се предаде во затворот во Атланта по обвинението кое беше покренато против него за влијание врз изборните резултати од претседателските избори во 2020 година.
При апсењето затворските служби ја објавија и неговата затворска фотографија, што е историски настан бидејќи на ваква фотографија за првпат се наоѓа поранешен американски претседател.
Дополнително, на вебсајтот на затворот Трамп е опишан како „маж, белец, висок 190 сантиметри со руса коса и сини очи“. Неговиот затворски број е P01135809.
Трамп беше пуштен од затворот откако плати кауција од 200.000 долари и од слобода ќе го очекува судењето. По излегувањето од затворот тој го опиша овој случај како „травестија на правдата“.
Ова е негово четврто апсење во кривичен процес во последниве пет месеци, но за првпат полицијата направи негова затворска фотографија.
Трамп и самиот ја објави затворската фотографија на Х (Твитер), каде се врати по пауза од повеќе од две години. Тој во објавата ја сподели адресата на неговиот вебсајт заедно со сликата со порака „Мешање во избори. Нема предавање!“.
Трамп се приклучи на листата американски јавни личности кои имаат затворски фотографии, на која се наоѓаат и имиња како Елвис, Френк Синатра, Ал Капоне и Мартин Лутер Кинг.
Ова е вкупно четврто обвинение против Доналд Трамп досега и се однесува на наводните обиди на претседателот и неговиот тим да влијае и да ги смени резултатите од поразот на претседателските избори во 2020 година. Ова обвинение се однесува токму на влијанието врз изборните резултати во сојузната држава Џорџија, која беше една од клучните за победата на неговиот тогашен конкурент Џо Бајден. Во обвинението се наведува дека Трамп телефонски контактирал со државниот секретар на Џорџија, Бред Рафенспергер и побарал од него да „најде“ 11.780 гласови – бројот кој му бил потребен за да го престигне Бајден и да ги добие 16-те електроски гласови, колку што носи државата Џорџија.
Трамп има уште едно обвинение за влијание врз изборните резултати на национално ниво, како и за потикнување на бунтот пред американскиот Конгрес на 6 јануари 2021 година.