Со настап на Џенгис Ибрахим, кој на инструментот канон ќе изведе негова музика, на 28 август во 19 часот Центарот за истражување на предисторијата заедно со Прилепскиот џез викенд организираат концерт за афирмација на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука во Пелагонија.
„Древните звуци на овој инструмент ќе создадат посебен амбиент во рамки на локалитетот и ќе интерактираат со мистичните одблесоци на неолитската населба“, најавуваат организаторите.
Од Центарот за истражување на предисторијата велат дека концертот претставува последна етапа од археолошките истражувања што се изведуваа на Врбјанска Чука во август.
„Овогодишните истражувања, а кои се одвиваат веќе 8-ма година, беа особено плодни и реултираа со бројни нови откритија што ги надополнија сознанијата за оваа неолитска населба формирана пред повеќе од 8000 години. При ископувањата се откри цела нова градба, како и објект во кого има десетина големи амбари и помали сандачиња за чување и обработка на житарици, што е досега единствена ваква појава на Балканот, но и во Европа. Исто така во ѕидовите на една од градбите се пронајде погребано новороденче, обред поврзан со регенеративниот карактер на неолитските куќи и кој е воедно прв од овој вид во Пелагонија. Освен овие фасцинатни откритија, исто така се пронајдоа фрагменти од фигурини, жртвеници, антропоморфни модели, сликани садови, врвови за стрели, камени орудија и садови, што укажува на богатиот опус на материјална култура користена при секојдневните активности и обредите“, велат од Центарот.
Оттаму најавуваат дека овие мултидисциплинарни истражувања, кои се во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата, Завод и музеј – Прилеп и Универзитетот во Базел, продолжуваат и понатаму со кабинетски анализи на археолошките наоди и органските остатоци, а кои ќе се публикуваат и презентираат во повеќе научни списанија и меѓународни конференции.
Теренските и кабинетските истражувања се финансиски подржани од Фондот за истражување и заштита на предисториските тумби од Германија, македонското Министерството за култура, Германскиот археолошки институт и Универзитетот во Базел.