Независниот музички издавач „Шарла Рекордс“ денеска (сабота, 26 август) од 21 часот во музичкиот бар „Ла Кања“ во Старата скопска чаршија продолжува со одбележување на 10-годишнината од своето постоење со нова концертна промоција.
Повод за следниот од серијата настани „Шарла – 10 лета околу“ е неодамна излезениот деби албум на скопската кантавторка Хана Корнети.
Оваа мултиталентирана девојка веќе и е позната на книжевната јавност со својата збирка раскази „Млечни заби“, а во музичките води влегува со албумот „Голи песни“, реализиран за „Шарла“.
„Се работи за збирка од осум композиции отсвирени на укулеле и отпеани во современ и автентичен стил со текстови кои го задржуваат вниманието. Голи песни е музички материјал кој освојува на прво слушање, искрен е и непосреден, напишан и изведен во слободен стил и без калкулации со актуелните музички трендови. Снимен е и обработен во тонското студио Кларион, а во неговата реализација како музички соработник и продуцент се појавува Давид Ангелевски“, соопштува „Шарла“.
Албумот „Голи песни“ може да се преслуша и набави на следниот ЛИНК.