Cè уште се прават тестирања на новите софтверски решенија, кои од есеноска треба да го подобрат функционирањето и работата на електронскиот дневник. Мета.мк ги праша одговорните лица во Министерството за образование и наука (МОН), од кога ќе стартува примената на новиот дневник, во кој наставниците треба да ја водат целата педагошка евиденција во текот на целата учебна година. Од таму одговорија дека тоа ќе се случи на почетокот на новата учебна година.
„Со новите софтверски решенија очекуваме да бидат надминати сите проблеми од минатото. Во текот на овој месец планирани се и обуки за 40 администратори од училиштата каде новиот ЕМИС систем и електронски дневник ќе пилотираат со стартот на новата учебна година“, информираат во Министерството за образование и наука (МОН).
Откако администраторите ќе научат како се користи новиот систем, тие ќе треба знаењето да го пренесат на другите наставници во училиштата. Инаку, во меѓувреме, во употреба е стариот електронски дневник, во кој ги има сите податоци за учениците.
„За сите наставници и родители останува во употреба постојниот е-дневник, додека не биде целосно заменет со новиот, а тоа ќе се случи по исполнувањето на сите предвидени услови во фазата на тестирање“, додаваат во МОН.
Новиот електронски дневник се подготвува со поддршка од Европската Унија преку ИПА фондовите. Процесот е во напредна фаза, односно се прави тестирање на новите софтверски решенија од Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат, Државниот испитен центар, како и од наставници од училишта.
Новото решение треба да ги искорени проблемите кои беа детектирани во старата хардверска и софтверска инфраструктура во изминатите години.
Оваа новина во образовниот систем влезе во 2013 година. Тогаш, во системот имаше околу 27.000 наставнички профили, како и околу 164.000 активни родители.
Инаку, наставниците и годинава кинеа нерви при внесувањето податоци во е-дневникот, оти не им се зачувуваа односно им се губеа податоците што ги внесуваат во системот. Наставници со кои контактираше Мета.мк, кажаа дека се случува да им се појавува „Error 503 Service Unavailable“, или пак, да внесат повеќе оценки, а системот да им регистрира само една.
Исто така, наставниците реагираа и дека често биле исфрлани од системот и повторно морале да се логираат за да можат да работат. Многумина од нив мораа да работат ноќе, оти тогаш е помалку оптоварен системот и може нормално да се внесуваат податоци во него. Без средени податоци во електронскиот дневник тие не можат да издадат свидетелства за учениците на крајот на учебната година.
Пишаните дневници пред неколку години беа исфрлени од употреба. Електронскиот дневник е единственото место каде што се пишуваат сите содржини – оценки, изостаноци, дневни подготовки и извештаи од реализирани екскурзии.
Наставниците со години наназад мораа да водат двојна педагошка евиденција – сѐ што пишуваа во пишаниот, требаше да внесат и во е-дневникот. Тоа беше нивна законска обврска. Се случуваше и системот воопшто да не функционира, оти имаше проблеми со изборот на фирма што ќе го одржува системот.
Извор: Мета.мк