Македонскиот поет Влада Урошевиќ синоќа ја доби наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, на свеченото затворање на 62. издание на Фестивалот.
Дополнително наградата наградата „Мостови на Струга“, за најдобро дебитантско дело, му беше врачена на Гевин Бредли од Северна Ирска, а наградата „Браќа Миладиновци“ му беше врачена на Димитар Башевски.
Вечерта се заокружи со интернационалното читање „Мостови“, на кое настапија бројни странски и домашни автори.
На фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ (СВП), кој годинава се одржуваше од 24 до 28 август под мотото „Чувствотворен јазик“, настапија повеќе од 25 странски и 40 домашни поети од постарата, но и од помладата генерација.
Во рамки на програмата во катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид се одржа поетски портрет на лауреатот на наградата „Златен Венец“, Влада Урошевиќ. На истата локација се одржа и свечен настан по повод јубилејот – 100 години од раѓањето на поетот Ацо Шопов, чие чествување се одбележа и со изложба на фотографии поврзани со неговото учеството на „Струшките вечери на поезијата“ и неговиот придонес за основањето и развојот на фестивалот.
Во рамки на програмата на СВП беше организиран и специјален настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „Версополис“.
По повод јубилејот „200 години од раѓањето на Шандор Петефи“, во рамки на програмата на СВП беше отворена изложба за животот и делото на овој унгарски поет.
Во чест на јубилејот 60 години од востановувањето на наградата „Браќа Миладиновци“, оваа година беше издадена Антологија за поезијата и флората, насловена „Меѓу дрвјата“ чиј приредувач е македонскиот поет и философ Иван Џепароски.
Денеска е последниот фестивалски ден, кој ќе биде одбележан со „Поезија на пат“, поетско читање во Домот на културата „Наум Наумовски Борче“ во Крушево, а фестивалот официјално ќе заврши со Меѓународен поетски митинг на платото пред Музејот на
современа уметност во Скопје.
Фотографии: Струшки вечери на поезијата