Поопасно од тутунот или алкохолот, загадувањето на воздухот се влошува во одредени региони во светот, вклучително и Азија и Африка, покажа ново истражување.
„Аерозагадувањето останува најголемиот светски ризик по здравјето на луѓето“, се вели во извештајот објавен од Институтот за енергетски политики при Универзитетот во Чикаго.
И покрај ова, фондовите наменети за борбата против аерозагадувањето се многу мали, за разлика од оние наменети за инфективни болести.
Загадувањето често е резултат од пожари, индустриска активност и моторни возила. Ваквиот воздух е канцероген и го зголемува ризикот за болести на белите дробови, срцето, како и од удари.
Според бројките на Светската здравствена организација (СЗО) 36 отсто од ракот на белите дробови е поврзан со овие емисии, како 34 отсто од ударите и 27 отсто од срцевите заболувања.
Квалитетот на воздухот во Европа е подобрен во последните неколку децении. Сепак, ваквите резултати се под ризик од зголемениот број на пожари, кои пак се резултат на зголемените температури и зачестените суши поврзани со климатските промени.
Сепак, и квалитетот на европскиот воздух варира од регион во регион.
„Жителите на источна Европа живеат пократко за 7.2 месеци за разлика од жителите во западна Европа и тоа токму поради понечистиот воздух“, велат од Универзитетот во Чикаго.
Босна и Херцеговина останува земјата со најголемо аерозагадување, а жителите поради оваа причина имаат пократок живот за 1.8 години.