Шестооделенците утре ќе ја започнат новата учебна година без учебници, бидејќи тие се` уште се во фаза на одобрување, а на учебници ќе почекаат и третоодделенците чии нови учебници се одобрени и во тек е нивно постепено печатење и доставување низ училиштата.
Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, на денешната пресконференција соопшти дека најголемиот дел од учебниците во основното образование се веќе испорачани до училиштата, а помал дел, претежно за новите учебници за шесто одделение уште трае процесот на одобрување и печатење, што според него би требало да трае најдоцна до крајот на септември.
„Учебниците за трето одделение се одобрени, во тек е постапката за печатење и доставување на учебниците. Истото ќе се случи и за учебниците во шесто одделение, кои се во напредна фаза за одлука за одобрување од Националната комисија за учебници. Потоа имаме постапка, ако имаме жалбена постапка од одредени автори. Затоа кажувам дека крајот на септември и тие треба да бидат доставени до сите ученици“, рече Шаќири, додавајќи дека во меѓувреме на учениците и на наставниците ќе им бидат достапни електронски помошни материјали.
Министерот изјави дека не чувствува одговорност за тоа што и оваа година дел од учебниците ќе доцнат.
„Јас како министер не учествувам во ниту една постапка во Националната комисија за учебници, Педагошката служба, мислењата на рецензентите и мислењата на другите. Не можам да имам одговорност за постапките кои не зависат конкретно од министерот за образование и наука“, рече Шаќири.
Министерот кажа дека во средното образование, последнава година биле одобрени 150 нови учебници, најголем дел од стручното образование, кои етапно ќе се печатат и ќе се доставуваат до средношколците во тираж кој ќе го пријават училиштата.
Тој посочи дека, за првпат, оваа учебна година учениците ќе имаат и пролетен распуст, од 29 април до 5 мај, а учебната година ќе трае до 17 јуни, за која кажа дека е практика која се применува и во други европски земји и која треба да донесе подобри резултати во учењето.
Шаќири рече дека во следната учебна година учениците и наставниот кадар ќе ги дочекаат и подобри инфраструктурни услови. Во летниот период била извршена или во завршна фаза е реконструкцијата на 56 училишни објекти, се подобрувала енергетската ефикасност, хигиенските услови и пристапот за ученици со попреченост на училиштата, за што биле вложени 4,5 милиони евра.
Запрашан за предупредувањето дека новата школска година може да започне со штрајк на наставниот кадар, поради незадоволството од платите, Шаќири рече дека вчера имал состанок со Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) а во теков на денов ќе имаат состанок со претставници од Независниот синдикат за образование и наука (НСОН). Тој порача дека наставниот кадар ќе добие повисоки плати од први септември кој е дел од постигнатиот Општ колективен договор за вработените во јавниот сектор, а со Министерството за финансии се преговара за дополнително процентуално зголемување, кое би било усогласување со минималната плата.
„Мојот став е децата никогаш да не ги користиме за политики, ниту помеѓу Министерството, ниту помеѓу синдикатите. Секогаш сме отворени за дискусија, тие ќе го добијат тоа што може со овие буџетски можности и ќе продолжиме да дискутираме. Нека најдат било каков друг инструмент ако не се задоволни, само тоа да не влијае врз учениците“, рече Министерот.
Даниел Евросимоски