Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ од Битола и оваа година продолжува со кампањата „Ваучер за првачиња“ и ќе доделат ваучери за бесплатна едногодишна членарина за сите деца запишани во прво одделение во новата учебна година која започнува утре.
Дополнително од установата најавуваат дека во следниов период ќе биде отворена и „Дневна соба“, нов простор за читање книги и списанија, но и место каде ќе се одржуваат разни работилници, курсеви, читателски клубови и можност за друштвени игри.
„Јавните библиотеки имаат важна социјална функција во животот на секој човек, тие се безбедни места кои ги зближуваат луѓето со различни интереси и возраста. Прераснаа во мултифункционални центри и пријатни простори кои освен книга и информација нудат и програми за квалитетно поминување на слободното време“, велат од Битолската библиотека.