Претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ДиЏовани по повод почетокот на новата учебна година повикува да се работи на обезбедување квалитетно и инклузивно образование. Нејзиниот став интегрално го пренесуваме во продолжение:
„Правото на образование на детето го опфаќа правото на учење. Недостигот од квалитетно образование поставува значителни пречки на патот на децата во остварување на нивниот потенцијал во периодот на растење. Додека го славиме почетокот на новата учебна година, треба да внимаваме на предизвиците со кои се соочуваме и да ги удвоиме нашите напори да обезбедиме секое дете да добие квалитетно образование и никој да не биде изоставен.
И пред пандемијата, Северна Македонија се соочуваше со криза во процесот на учење. И покрај малите подобрувања во успехот на учениците во последниве години, сепак повеќе од половина од сите 15-годишни деца во земјата не успеваат да ги задоволат основните нивоа на владеење на читање и математика. Понатаму, резултатите во образованието се чини дека ги репродуцираат постојните нееднаквости, при што учениците од поволна социоекономска позадина и девојчињата постигнуваат подобри резултати од момчињата и пообесправените ученици.
Децата кои заостануваа во минатото, сега се млади возрасни лица, кои се запишуваат во високо образование или се дел од работната сила на пазарот. Ова сценарио ќе опстои во сите возрасни групи додека не се преземат значителни мерки за решавање на проблемот. Затоа треба да преземеме итна акција бидејќи последиците ќе бидат далекусежни и ќе влијаат и на сегашните и на генерациите што доаѓаат.
Во скорешните Заклучни согледувања за напредокот на Северна Македонија во остварувањето на правата на детето, Комисијата за правата на детето го поздрави донесувањето на Законот за основно образование како правна основа за вклучување на учениците со попреченост во редовниот образовен систем.
Благодарение на новиот Закон за основно образование, од оваа учебна година сите деца со попреченост ќе бидат запишани во редовните училишта за да учат заедно со своите врсници, што има докажана придобивка за сите деца во училницата. Поддршката што Ресурсните центри ќе им ја дадат на училиштата во оваа транзиција е клучна, за да се осигура дека овие деца ќе бидат поддржани да учат и да го постигнат својот целосен потенцијал.
Сепак, Комисијата бара внимание да се посвети на потребата од дополнителни мерки, стратегии, услуги и поддршка, за да се обезбеди пристап до квалитетно образование на децата од ранлива категорија. Констатирајќи го креирањето на посебна буџетска линија за инклузивно образование во буџетот на Министерството за образование и наука и две финансиски програми насочени кон образованието на децата Роми, Комисијата исто препорачува зголемување на буџетската распределба, со особено внимание на децата во ранлива положба.
За да го направи квалитетното инклузивно образование реалност за сите деца, земјата треба да го зголеми јавното финансирање и инвестициите во образованието на сите нивоа, вклучително и предучилишното, истовремено обезбедувајќи ефикасна и правична распределбата на ресурсите за општините и училиштата. Распределбата на средства треба да биде соодветна за да им овозможи на училиштата да ги исполнат националните образовни стандарди и да го олеснат пристапот и вклучувањето на најранливите деца, вклучувајќи ги и оние со попреченост, од етничките малцинства и од социоекономски ранливите домаќинства.
На првиот училишен ден, додека ги пречекуваме децата во училниците, да потсетиме дека секој ден поминат во училиште е можност да се обезбеди ефективно, правично и отпорно образование за сите деца и младинци. За да се случи ова, мора да се стави поголем фокус на обезбедување ресурси насочени кон областите каде што може да се постигнат подобрувања во резултатите од наставата и учењето.
Но, квалитетното инклузивно образование не е само прашање на финансирање. Основите за училишна подготвеност се поставуваат во рана возраст, поради што зголемувањето на стапките на упис во предучилишното образование треба да остане приоритет. Родителите, исто така, треба да бидат поддржани за активно вклучување во образованието на нивните деца, што ја зајакнува добросостојбата и самодовербата на детето и е важно за академскиот напредок. Дополнително, треба да продолжат реформите во наставните програми за да се поведе грижа дека децата можат да стекнат релевантни знаења и вештини кои ќе ги
подготват да напредуваат во современиот свет. Наставниците и стручните соработници имаат потреба од континуиран пристап до квалитетни можности за професионален развој, квалитетни образовни ресурси и податоци.
Во последниве години, Северна Македонија направи напори да учествува во меѓународните оценувања на учениците и исто така се подготвува да го лансира новиот национален модел за проценка на учениците. Сакаме да ги препознаеме и да ги пофалиме овие напори и да ја истакнеме важноста од подобро користење на податоците добиени преку таквите проценки за анализа, системска дијагностика, подобрувања и обезбедување квалитет на локално и национално ниво. Меѓутоа, податоците и доказите треба да поттикнат акција на ниво на училиште и на ниво на ученик.
Конечно, децата имаат право да бидат консултирани за сите одлуки кои влијаат на нивниот живот, а одлуките во образовниот систем секако потпаѓаат во таа категорија. И покрај тоа што го поздравува усвојувањето на Законот за основно образование со кој се обезбедува формирање на студентски парламент и студентски правобранител, Комисијата препорачува унапредување на учеството на децата и младите во рамките на семејствата, училиштата и заедниците, како и спроведување механизми за нивно учество при одлучувањето за прашања кои ги засегаат.
Оваа година кога Северна Македонија слави 30 години од ратификувањето на Конвенцијата за правата на детето и 30 години од официјалното воспоставување соработка со УНИЦЕФ откако земјата стана независна држава, ние сме посветени повеќе од кога било да ги поддржиме нашите партнери во нивните напори да обезбедат квалитетно и инклузивно образование за секое дете“.
Фото: УНИЦЕФ