Со промоција на книгата „Мост над бурната река“ од хрватскиот писател Далибор Талајиќ, вечерва започнува осмото издание на книжевниот фестивал „Друга приказна“. Оваа година, фокус-тема на фестивалот е попреченоста, а токму за тоа поразговаравме со главниот уредник на издавачката куќа „Темплум“ и организатор на фестивалот, Никола Гелевски.
Според него, темата за попреченоста во домашните медиуми е повеќе застапена отколку пред десет или триесет години, но присутноста не важи и за домашните книжевни изданија.
Оттаму, вели Гелевски, целта на ова издание на „Друга приказна“ е интелектуалната и активистичката страна на попреченоста да се приближи до образованите луѓе кои имаат влијание и кои одлучуваат – луѓето од медиумите, културата, академскиот сектор, граѓанскиот сектор, политиката…
„Поквалитетната информираност треба да поттикне нови поврзувања и акции кои ќе го направат животот на инвалидите малку подобар, а општеството потолерантно и повклучувачко“, истакнува Гелевски.
Тој вели дека последниве години, се посветил на читање за инвалидноста – и проза и поезија и теорија, како и филмови и истражување преку фотографијата.
„Малце ќе ја превртам работата, за да ви одговорам појасно: да речеме дека мене првенствено ме интересира темата ‘нормално’, а не ‘не-нормално’ и ‘ин-валидно’. Што е нормално и валидно?! Кој го пропишува тоа?! Со проблематизирање на опкружувањето, на поредокот, нормите, правилата, инаку, се бавам од дете, прво низ бунтовништво, подоцна и поинаку, секогаш и со зрнце бунт“, вели Гелевски.
Тој дополнува дека проучувачите на инвалидноста прават слично – сакаат да ја истражат конструираната природа на концептите каков што е „нормалноста“ и да ги „дефамијализираат“.
Гелевски го посочува Дејвид Фајфер, според кој „нормалното однесување е статистички променлива крива која ги охрабрува луѓето кои имаат моќ и ресурси да ги означат оние кои немаат моќ и ресурси како ненормални“.
„Розмари Гарланд Томсон го скова терминот ‘нормат’ за да нè натера двапати да размислиме пред следниот пат да го употребиме терминот ‘нормален’ велејќи дека терминот нормат на корисен начин ја одредува општествената фигура преку која луѓето се претставуваат како дефинитивни, вообличени човечки битија. Според тоа, норматот е конструиран идентитет на оној кој преку телесниот склоп и претпоставениот културен капитал, може да стекне позиција на авторитет и моќ“, нагласува уредникот.
Друга приказна е регионален книжевен фестивал, посветен на малите фикции, каде се претставиле многу автори и уметници од соседните држави. Па така, оваа година лауератот, односно авторот кој ја добива главната награда на фестивалот е писателoт Синиша Туциќ, кој живее и работи во Нови Сад, а истовремено е активист и лице со попреченост.
Зборувајќи за тоа колку темата на попреченоста е застапена во домашните книжевни изданија, Гелевски посочува дека во домашните, таа не е застапена, а во регионалните е застапена чат-пат, но сепак слабо.
„Тоа е една од причините зошто ‘Друга приказна’ се занимава со попреченоста. Сакаме да претставиме дел од социјалните, политичките, културолошките позиции и идентитети на луѓето со попреченост. Сметаме дека е исклучително важно во нашата заостаната култура многу повеќе во јавноста да се внесуваат искуствата однадвор, од луѓе, писатели, теоретичари, уметници, активисти, кои имаат поголемо и подолго искуство на ова поле“, вели тој.
Гелевски забележува дека во култура во којашто телесната различност се заташкува и оспорува и во која на прсти можат да се избројат културните организации или поединци кои во својата работа ја тематизираат попреченоста, висок приоритет е токму покомплексното отворање и водење на овие теми.
Со цел зголемување на видливоста и дестигматизирање на темата, токму во април годинава, „Темплум“ во соработка со „Контрапункт“ распиша регионален конкурс за сликовница на тема попреченост.
На конкурсот биле испратени 43 ракописи од Србија и од Македонија, а преовладувале домашни автори.
„Квалитетот на српските ракописи беше повисок. Десетина текстови беа мошне солидни, три-четири беа одлични, речиси спремни за објавување, а еден баш се издвои: ‘Седум конци на сонцето’ од Драгана Младеновиќ. Во сабота, на 2 септември ќе ја промовираме таа сликовница, илустрирана од Инес Георгиевска, која сосема беше на висината на одличниот текст“, вели уредникот.
Конкурсот бил интересен од различни аспекти – заради регионалната димензија, темата, а најмногу заради одличниот финален резултат: една од најдобрите сликовници во регионов на тема попреченост: „Седум конци на сонцето“.
Тој посочува дека јазикот е многу важна тема во студиите за попреченоста, па некои од активистите на инвалидитетот укажуваат на рутинската употреба на јазикот со кој се опишуваат лицата со инвалидитет, со цел дополнителна демистификација на стигмите, жиговите, обележаноста, зјапањето, покажувањето со прст.
„Активистите себеси се нарекуваат ‘сакати’, што може да се види во документарецот на Дејвид Мичел и Шерон Снајдер ‘Витални знаци’: одговор на културата на сакатите; користат и други груби зборови како чудак, обележан, куц, глув и слеп, а не употребуваат некои пристојни еуфемизми. Но, изразите како „прикован за количка“, „паднат во количка“, се заменуваат со поактивните ‘возач/корисник на количка’, а изразите во кои оштетувањата се користат метафорички во негативна смисла – како ‘не сум слеп’, ‘слеп при очи’, ‘кретенска идеја’, ‘емотивно сакат’ – се сметаат за еквиваленти на расистичките епитети“, посочува Гелевски.
Овогодишното издание на фестивалот трае до 3 септември, а ќе биде заокружен со проекции на филмови на тема попреченост и изложбата „Гоблени и гребаници“ на Тома Димовски во скопскиот локал „Бруталиск“.
Ивана Смилевска