#РаскажиМи: „Петелот“ од Лилјана Дирјан

Овојпат во рубриката #РаскажиМи го читаме краткиот расказ „Петелот“ од Лилјана Дирјан, поетеса и писателка, која со ова дело е застапена во антологијата на македонскиот кус расказ „Џинџуџе во земјата на афионите“, во издание на „Темплум“.

ПЕТЕЛОТ

Сабота. Студено. Пазарот е преполн со луѓе. На рабовите се паркирани автомобили, а меѓу нив како дамки на асфалтот се распослале замрзнати, клекнати баби. Хризантеми што стискаат вилици. Разлиен хиперманган. Пиштат свирежи во градите. Ноќ мината во болница. Инфузија. Звук на кломпи на ноќната сестра. Паѓа снег. На црно палто бели снегулки.

Пред мене е – тој. Го потпрел клунот до срцето си. Ме гледа со едното око. Портокалово – црвено зајдисонце наоколу. Шалче пејзаж околу вратот. Се тресе. Го чекам мигот. Пазарам сенешто. Во весник крап, во ќесе мушмули, во картонски длапки – јајца. Му се враќам. Уште е во исти раце. Бабата ги бутнала прстите длабоко во пердувите. Направила муф од петел. Минува крај мене. Кружи наоколу.

Земи го, ме моли, ми остана само тој, ама јас зимава заминувам кај Господ, ќе нема кој да му даде храна, а водата е замрзната во дворот. Види го овој убавец на студот, душа што лета и буди.

Бабичката е темновиолетова свената хризантема. Потпрена е на ништото. Тој ѝ дава инфузија во потоците од модри жилки во рацете.

Му ги одврзувам нозете. Тие се замрзнати крици при разделбата. На градите го ставам како брош. Брошот дише. Пишти. Воздивнува. Сиот пазар наеднаш се престорува во портокалово-црвен-карамела-цинобер-бакарен-циметов шафран. Стопен загорен шеќер.

Го носам петелот в раце. Свети на светот оганче. Застанувам пред нискиот прозорец од домата. Таму, зад замагленото стакло, се мажот и детето. Влегувам во живиот пламен.

Мажот ми вели:

Па сосема си луда, жено.

***

Лилјана Дирјан (1953-2017, Скопје) – поетеса, писателка, уредница. Објавила десетина книги, главно поезија и поезија во проза. Главна уредница на списанието „Жена“. Една од основачките и членка на Друштвото на независни писатели на Македонија. Уредница и една од основачките на регионалното списание „Сараевски тетратки“. Ги добила наградите „Студентски збор“ и „Браќа Миладиновци“.

Петочната рубрика #РаскажиМи го промовира македонскиот јазик и современата фикција преку домашни и странски автори кои пишуваат или се преведени на мајчин јазик.

Заинтересираните за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи свои дела може да пратат на info@radiomof.mk,  со куса биографија.