Бруцошите кои се запишале како редовни студенти на некој од државните или приватните универзитети од денес може да аплицираат за сместување во студентски дом.
Согласно Конкурсот за прием на студенти што Министерството за образование и наука го распиша во јули, за студентите запишани во прва година на додипломски студии има вкупно 1.153 легла во сите 13 државни студенти домови, додека најмногу, односно 266 слободни легла има во ДСД „Орде Чопела“ во Прилеп.
Аплицирањето се врши електронски со пополнување на пријава и прикачување на соодветната документација на порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk. Студентите може да конкурираат за прием само за еден студентски дом.
Право на аплицирање имаат редовни студенти кои се државјани на Република Северна Македонија и се школуваат надвор од местото на живеење, а кои се запишани на додипломски студии со траење помалку од осум семестри, а не повторувале студиска година, осум семестри, а не повторувале повеќе од една студиска година и над осум семестри, а не повторувале повеќе од две студиски години.
Рокот за пријавување на бруцошите како и на сите други студенти трае до 15 септември.
Доколку по објавување на конечните списоци со примени студенти по домови остануваат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, пријавувањето ќе продолжи сѐ до пополнување на сите места и ќе трае најдоцна до 30 ноември 2023 година.
Конечниот список за прием на студенти од прва година ќе биде објавен на 30 септември на огласните табли во студентските домови каде што конкурирал студентот како и на веб страницата на Министерството за образование и наука. Приговор по однос на резултатите студентите може да достават домот каде што аплицирале во рок од 10 дена од денот на објавувањето на резултатите.
Резултатите за прием на студентите од втора и повисоките години ќе бидат објавени на 5 септември на огласните табли во домовите и на веб-страницата на МОН. Приговорите по резултатите се доставуваат во домот каде што имаат аплицирано исто така во рок од 10 дена од денот на објавувањето на резултатите.
Повеќе информации околу потребната документација за аплицирање може да се најдат тука.