Под името „Протест против организираните убиства на Онкологија“, за утре (понеделник, 4 септември) со почеток од 18 часот, преку социјалните мрежи се шири повик за протест пред Влада, каде граѓаните ќе го искажат гневот и револтот против, како што велат, криминалот кој со години се толерирал на Клиниката за Онкологија.
Според најавите, протестот од Влада ќе продолжи пред Министерството за здравство каде организаторите ќе повикаат на оставка и одговорност од сите министри за здравство.
„Бруталноста на власта секој ден носи нови жртви, а овој пат жртви се пациентите на Клиниката за онкологија кои со месеци во животно-загрозувачка состојба чекаа лекови, додека лековите завршуваа на црниот пазар во Косово. Се работи за организиран криминал каде се инволвирани највисоки функционери на власта и истиот трае со години“, стои во повикот.
Иницијаторите велат дека скандалот со кражбата на лекови на Онкологија не смее да помине неказнето и повторно само „кабелот да биде виновен“.
„Не прифаќаме одговорност од најнискиот еншалон во Онкологија – бараме кривична одговорност за владините функционери! Прво, бараме одговорност од министрите Венко Филипче, Беким Сали и Фатмир Меџити. Второ, бараме одговорност од замениците-министри за здраство Илир Хасани и Маја Манолева. Трето, бараме одговорност од поранешната директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Ирина Сотирова Бухова и актуелната директорка Рената Младеновска. Четврто, бараме одговорност од поранешниот организационен директор на Клиниката Нехат Нухи“, се вели во најавата за протестот.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска кажа дека одговорноста за криминалот со лековите за рак на Клиниката за онкологија има име и презиме, а врз основа на докази ќе бидат санкционирани оние што го прекршиле законот и етичките и морални норми за обавување на здравствената дејност.
Тој ја поздрави акцијата на МВР и на Обвинителството и дека дека ваков тип на криминал е „мултипартиски, мултиетнички и мултикултурен“, истакнувајќи дека Владата нема да прави никакви интервенции и дека ќе нема заштита за кого било, бидејќи се работи за грозни наводи кои се предмет на истрагата.
Премиерот не одговори дали Владата го разгледала ревизорскиот извештај за Клиниката на онкологија кој е поднесен пред година и пол, не кажа дали ќе има политичка одговорност и не одговори зошто институциите не реагирале многу порано и покрај текстовите во медиумите кои за криминалот со лековите за рак објавуваат уште пред 9 месеци.
„Слободен печат“ пред 9 месеци објави дека на Клиниката се крадат скапите лекови кои наместо да им се дадат на пациентите, се препродаваат на црниот пазар. Потоа со серија текстови во „Слободен печат“ беа презентирани информации според кои на досиеја на починати пациенти кои починале во 2014, во 2022 година Клиниката уште фиктивно раздолжува лекови.
Неделникот „Фокус“ минатиот месец објави серија текстови за криминалот со препродавање скапа биолошка терапија на Клиниката за онкологија, која е воведена од 2019. Според изворите на „Фокус“, во оваа шема се вклучени повеќе лекари и медицински персонал на клиниката. Криминалот е вршен така што во системот се внесувале и блиски роднини на ексменаџментот на клиниката кои не се болни од рак, но лековите што се наменети за нив се препродавале. „Фокус“ објави и дека на дел од пациентите им се дава половична терапија без да знаат, со што скапата биолошка терапија завршува на црниот пазар, највeројатно во Косово.
*Додавка:
По објавување на првичните информации за протестот, иницијаторот на настанот информираше дека протестот од Влада ќе продолжи до зградата на Основното јавно обвинителство, каде ќе се побара кривичен прогон против сите инволвирани функционери во овој скандал.