Повик за учество на „кЛИК, сЛИК – сподели кирилица“ – работилница за креативно пишување

Неформалната група „Дума ин Сума“, создадена од компаратистките Ивана Смилевска и Марија Бошковска, заедно со младиот визуелен уметник, Дарко Алексовски, организираат дводневна работилница за креативно пишување за млади од 15 до 19 години, насловена „кЛИК, сЛИК  –  сподели кирилица“

Работилницата ќе се одржи на 14 и 15 септември, во КСП Центар Јадро, а учесниците ќе имаат можност да создадат свој книжевен лик, употребувајќи дигитални алатки.

„Ѕвончето веќе заѕвони за првиот час, ајде пак да се дружиме на кирилица. Како продолжение на работилницата ‘Пиши-бриши…само не оставај на seen’, овој пат ќе создаваме свои светови и ликови, користејќи дигитални алатки и еден тон имагинација. Сигурни сме дека ги прочитавте лектирите, па ајде да откриеме интересни писател(к)и“, се вели во повикот.

Бројот на учесници е ограничен, а заинтересираните можат да се пријават на овој линк.

Како што информираат од „Дума ин Сума“, првиот ден од работилницата биде во фокус на истражување на современа македонска книжевност, различни уметнички форми како и користење на слики како инспирација за креативно пишување.

„На вториот ден од работилницата, ќе ги оживееме нашите книжевни ликови и ќе печатиме мали книгички – зинови. Што е фанзин? Мала книгичка, или фанзин е неофилцијално издание создадено ентузијастички и панкерски, по „направи сам“ техника, а обработува одреден културен феномен, како на пример литературен или музички жанр. Фанзините се користат за споделување идеи и креативно изразување.“, пишува во описот.

Работилницата е дел од јавниот конкурс „Цртај на македонски јазик“ 2023, објавен од Министерството за култура.